Меркел им се закани на учесниците на пропалестинските протести поради антисемитизам

AP Photo/Markus Schreiber)

Германската канцаларка Ангела Меркел се закана во саботата со остри законски мерки за оние кои на пропалестинските протести во земјата извикуваат антисемитски пароли и со тоа дејствуваат противуставно.

„Кој на улиците на нашите градови изнесува омраза против Евреите, кој извикува пароли против еден народ, тој дејствува надвор од границите на уставот. Таквите дела мора системски да се гонат, а сторителите мора да ги почувствуваат последиците од своето дејствување“, изјави Ангела Меркел во својата редовна неделна видео-порака до сограѓаните.

Меркел по повод утрешниот Ден на германскиот устав укажа на тоа дека овој документ го гарантира правото на мирно собирање и искажување на сопственото мислење.

„Меѓутоа, германскиот устав не дава простој за нападите на лица од друга вера, за насилството“, порача германската канцеларка.

Меркел, исто така, укажа на „неподносливите антиемитски изјави“ на протестите изминатите денови ширум Германија.

За сабота во Берлин се најавени два поголема пропалестински собира. На собирите изминатите денови доаѓаше до судири со полицијата која интервенираше поради непридржувањето на мерките за носење заштитни маски и оддржување на растојанието.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.