Меркел: Има уште време да се најде решение за Брегзит

Сѐ уште има време да се најде решение за заминувањето на Велика Британија од ЕУ, изјави германската канцеларка Ангела Меркел, јави AFP.

Меркел пред раководителите на јапонски и германски компании истакна дека од економски причини „времето притиска” и бизнисите не можат да си дозволат долги царински постапки.

Од политичка гледна точка, има повеќе време. Два месеца не се долг период и сѐ уште има време кое треба да се искористи од двете страни, вели Меркел.

Канцеларката нагласи дека е свесна за проблемот поврзан со границата меѓу Северна Ирска и Ирска, која дополнително ги „комплицира” разговорите.

Решението зависи од прашањето какви ќе бидат односите меѓу Велика Британија и ЕУ и каков вид трговски договор ќе се потпише, додаде канцеларката.

Префрлајќи ја топката кон Лондон таа вели дека „ќе биде многу важно за нас да знаеме како точно Британците ги гледаат идните односи со ЕУ”.