Меркел инсистира на дијалог меѓу Белград и Приштина сè до решение

Германската канцеларка Ангела Меркел ќе ја вложи сета своја енергија, труд и сила за да се сочува мирот и стабилноста во Европа и поради тоа бара да се разговара сè додека не се пронајде решение за косовското прашање, изјави денеска српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со Меркел во Њујорк.

– Да се разговара и разговара сè додека не се најде некое решение, е пораката од Меркел која Вучиќ им ја пренесе на новинарите, пренесува Танјуг.

Истакнувајќи дека Германија сака стабилност на долг рок, Вучиќ оцени дека разговорот со Меркел бил добар и коректен и се однесувал на текот на настаните кои следуваат и како нештата треба да изгледаат откако ќе се формира влада во Приштина.

– Нема никакво сомнение дека Европа сака решавање на проблемите на Западен Балкан и оти Германија, како водечка сила, истото го посакува и на тоа инсистира, констатира Вучиќ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.