Меркел ќе пресече дали ќе има нова влада или избори во Македонија

Ставот на германската канцеларка Ангела Меркел за тоа дали и кога Македонија ќе добие датум за преговори ќе ја одредат иднината на владата на премиерот Зоран Заев.

Заев в четврток во Берлин ќе се сретне со Меркел, а фокусот ќе биде на прашањето дали Германија ќе даде „зелено светло“ за Европскиот совет да одреди датум за почеток на преговорите меѓу Европската Унија и земјава.

Заев вели од пораките што ќе му ги пренесе германската канцеларка ќе зависи во која насока ќе се движат одлуките за најавените промени во Владата. Заев веќе најави дека меѓу опциите кои ги разгледува доколку нема датум за преговори е враќање на мандатот и формирање на нова влада, но и распишување на предвремени парламентарни избори.

„И пораката што ќе ја добиеме од канцеларката Ангела Меркел  и јасното соопштување за извесните чекори коишто ќе дојдат така ќе ги носиме одлуките дома. Нема дилеми дека ќе добиеме датум за преговори, важно тоа е да биде порано. Важно е да знае ЕУ дека таа за нас е атрактивна затоа што секогаш покажала мудрост да ги прави реформите внатре,но и да го држи процесот отворен за привлекување на новите земји кандидати за членство во ЕУ и верувам дека тоа ќе се случи“, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес конференција со чешкиот премиер Андреј Бабиш, кој престојува во работна посета на Македонија.

По информациите дека во Брисел веќе кружи нон пејпер со предлог заклучоците на Европскиот совет се поизвесно е дека земјава нема да добие датум за преговори на самитот што ќе се одржи на 20 и 21 јуни во престолнината на Европската Унија.

Очекувањата на дома, но и најавите од Брисел се дека за доделување датум за преговори за Македонија повторно може да се разговара во јули или дури во октомври.