Меркел-Мицотакис: Справување со мигрантското прашање во Унијата и спроведување на Договорот ЕУ-Турција

И двајцата го делиме размислувањето дека ќе треба да се спроведува Договорот ЕУ-Турција и драго ми е што за тоа постојат напори и од новата грчка Влада, рече германската канцеларка Ангела Меркел по средбата со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во однос на мигрантското/ бегалско прашање, jави дописничката на МИА од Атина.

Меркел додаде дека треба да се стави во функција целиот механизам на договорот, односно да има враќање на мигрантите, а Мицотакис говореше за распределување на товарот меѓу сите земји членки на Шенген, велејќи дека е неправедно првите земји што се на удар да го сносат целиот товар.

И двајцата констатираа дека во текот на летните месеци се забележува зголемен бран бегалци и мигранти во Грција.

-Грција ќе направи сѐ што треба за да се забрза бранот враќања кон Турција и секако сѐ што треба за условите во кои живеат бегалците во центрите да бидат хумани услови. Но, очекуваме не само од ЕУ, туку и од Германија надворешно чување на нашите граници. Границата на Грција е граница на Европа и треба заедно да работиме во оваа област, рече Мицотакис, кој истакна дека за да почнат враќањата кон Турција, потребно е Грција да ја смени политиката за азил, нешто што ќе се случи во следните месеци.

-Разговаравме за помошта што може да им ја дадеме на Грција и на Турција. Се согласувам и целосно го делам мислењето на Кирјакос Мицотакис дека би требало на европско ниво да можеме да имаме подобар резултат, рече германската канцеларка која додаде дека се уште се далеку од одржливо решение.

Мицотакис на прес конференцијата со Меркел објасни дека заедно со Германија подготвуваат голема инвестициска програма, со акцент ставен на зелениот развој, на заштитата на животната средина, за што, на почетокот на следната година ќе презентираат план за инвестиции во зелената енергија, обновливи извори на енергија, управување со отпад и слично.

-На почетокот од следната година ќе можеме да одржиме голема отворена конференција со заедничко присуство за да ги презентираме овие можности. Бидејќи за мене е многу важно да го сменам наративот во Германија. Грција повеќе да не се третира како една „проблематична“ земја, туку земја која излегува од кризата и им нуди значајни развојни можности на германските бизниси, истакна Мицотакис.

-Јас мислам дека можеме да направиме две работи. Да привлечеме бизнисмени на овој семинар во темите како што се обновливи извори на енергија, управување со отпад и слично и знаеме дека кога прашањето е зелената технологија важно е да понудиме и соодветна рамка, рече Меркел.

Грчкиот премиер потенцираше дека во Берлин е за да ја смени рамката на односите меѓу двете земји, за промените во економијата истакна дека ќе ги направат тие самите, затоа што се однесуваат на нив, а за примарниот суфицит објасни дека прво треба добијат политички кредибилитет како реформска влада, а потоа да разговараат за конкретната тема.

Одговарајќи на новинарско прашање за германските репарации, Мицотакис рече дека тоа е тешко и чувствително прашање и за Грција и за Грците и изрази надеж дека „ова тешко поглавје во некој момент може да се затвори“. Грчкиот премиер објасни дека по одлуката на парламентот, Грција испрати демарш до Германија со кој ја повикува да дојде на преговори за решавање на прашањето .

Мицотакис неговото обраќање на прес конференцијата, пред прашањата од новинарите, го заврши на германски јазик велејќи дека е петти грчки премиер што го посетува Берлин и изрази надеж дека ќе биде оној кој конечно ќе ја извади земјата од кризата.

Ангела Меркел со сите почести го пречека грчкиот премиер во седиштето на нејзината канцеларија, а додека се интонираа химните, двајцата беа седнати на две специјално поставени столици.