Меркел му честиташе на Путин и го повика на продолжување на дијалогот

Германската канцеларка Ангела Меркел му честиташе во понеделникот на рускиот претседател Владимир Путин на повторниот избор на должноста и го повика на продолжување на дијалогот во барањето решенија за билатералните и меѓународни предизвици, наведе кабинетот канцеларката.

„Денеска е поважно од кога и да е да продолжи нашиот дијалог и да се поттикнат односите меѓу нашите држави и народи. Врз овие темели, би морале да се потрудиме да им пристапиме на големите предизвици, билатералните и меѓународните, на конструктивен начин и да пронајдеме прифатливи решенија.. Срдечно ви честитам на повторниот избор, ви посакувам успех во задачите коишто се пред вас“, се наведува во пораката на Меркел до Путин.

Претходно портпаролот на владата Штефан Зајбер изјави дека Меркел наскоро ќе му испрати телеграма на Путин.

„Имаме поинакви ставови од Русија и понекогаш ја критикуваме политиката на Русија многу јасно и прецизно, како што е тоа во поглед на Украина и Сирија“, додава во пораката Меркел и инсистира на важноста да не се прекинува дијалогот со руските челници.

Во понеделникот претпладнето новиот германски министер за надворешни работи Хеико Маас, кој доаѓа од редовите на социјалдемократите, изјави дека „Русија на Владимир Путин“ и натаму ќе биде „тежок партнер“, но дека треба да продолжи дијалогот со Москва за да се најдат решенија за меѓународните кризи. Оцени дека „не може да се каже дека изборите (во Русија) биле во целост рамноправна политичка трка“.