Меркел „најостро“ го осуди „нападот“ врз Навални, Москва подготвена за соработка

Германската канцеларка Ангела Меркел во средата „најостро“ го осуди наводното труење на рускиот опозициски блогер Алексеј Навални со боев отров и од руската влада побара објеснување, а Кремљ истовремено повтори дека е заинтересиран за „сеопфатна соработка“ со германските власти потсетувајќи дека Берлин и по две седмици сѐ уште не одговорил на понудата да се разменат биоматеријалите од Навални кои ги добиле лабораториите во двете земји.

„Се поставуваат сериозни прашања на кои одговор може и мора да даде само руската влада“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел на вонредната прес-конференција во средата попладнето. Таа нагласи дека „светот ги чека одговорите“.

Претходно Меркел потврди дека наодот на експертите на германската армија Бундесверот „недвосмислено упатуваат на труење“ на Навални.

„Алексеј Навални е жртва на напад со хемиски боев отров од групата Новичок. Овој отров недвосмислено може да се докаже со тестовите. Со тоа стана извесно: Алексеј Навални е жртва на злосторство. Се обиделе да го замолчат. Информацијата за обид за убиство со помош на отров на еден од водечките опозиционери во Русија е зачудувачка“, тврдеше Меркел и додаде дека лично и во името на владата „најостро го осудува“ овој настан.

Меркел го повтори она што претходно во средата го соопшти портпаролот на нејзината влада Штефан Зајберт, дека со партнерите од Европската унија и НАТО и во зависност од реакциите на Москва, ќе биде донесена одлука за натамошните заеднички чекори.

„Злосторството насочено против Алексеј Навални е насочено против темелните вредности и темелните права за кои ние се залагаме“, изјави германската канцеларка.

Меркел објасни дека за развојот на ситуацијата во овој случај разговарала и со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, како и дека владата ги известила сите партии застапени во Бундестагот. Најави и дека владата ќе стапи и во контакт со Организацијата за забрана за хемиското оружје (OPCW), која во минатото имаше повеќе контрадикторни истраги.

Шефот на германската дипломатија Хаико Маас соопшти дека неговото министерство го повикало рускиот амбасадор во Берлин, Сергеј Нечаев, на разговор и од него побарало „опширно и транспарентно обајснување“ во врска со случајот на Навални. „Ние од Русија очекуваме виновниците за овој напад да ги повика на одговорност“, рече Маас.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, уште еднаш во средата попладнето за медиумите беше дециден дека резултатите од трите руски лаборатории не покажале присуство на токсични сипстанции во телото на Навални. Повтори дека станува збор за руски државјанин и дека германската страна е задолжена да ги даде информациите за неговата состојба и наодите на тамошните лаборатории.

„Русија е подготвена на сеопфатна соработка со Германија за разјаснување на сите околности во врска со ситуацијата со Алексеј Навални. Меѓутоа, Берлин сѐ уште не даде одговор на претходно испратените официјални барања“, изјави Песков.

„Воопшто, ние потврдуваме дека сме подготвени и заинтересирани за целосна соработка и размена на подотоците на оваа тема со Германија“, рече Песков.

Притоа, одговарајќи на новинарско прашање, како Кремљ ќе реагира на изјавата на официјален Берлин во врска со наводното труење на Навални со супстанција од видот „Новичок“, Песков истакна дека во овој момент Москва не може да даде компетентен одговор.

Портпаролот на рускиот претседател потсети дека Генералното обвинителство на Русија испратило официјално барање до германската страна со надеж дека ќе добие официјален одговор. Песков уште еднаш потсети дека руските лекари службено предложија размена на сите податоци од третманите на Навални, но дека досега не добиле одговор од германските колеги.

Песков истакна дека пред транспортирањето на Навални во Берлин, според сите меѓународни стандарди во Русија биле спроведени цела низа сложени анализи и оти „не беа откриени никакви токсични супстанции“.

Навални беше хоспитализиран во болницата Омск откако во текот на летот за Москва нагло му се слошило а авионот итно беше приземјен. Според неговата портпаролка Кира Јармиш, која го придружувала на патувањето објави дека Навални пиел само црн чај во кафетеријата на аеродромот во Томск од каде полетале за Москва. По инсистирање на семејството и на Германија, Навални беше авионски пренесен во берлинската клиника „Шарите“ каде што исто како и во Омск беше третиран со атропин поради можно труење од која и да било тешка хемиска супстанција.

Од берлинската клиника „Шарите“, откако претходните денови рекоа дека ситуацијата на Навални се стабилизирала, во средата соопштија дека неговата сотуација сѐ уште е сериозна.

„Симптомите на труењето се повлекуваат, но пациентот сѐ уште се на наоѓа во индуцирана кома (во која превентивно беше ставен уште во Омск – з.р.) и на апарати за вештачко дишење“, соопштија од болницата. Тамошните лекари сметаат на „долготраен“ престој во болницата, а исто така велат дека не може да се исклучат ниту „трајни последици од труењето“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.