Меркел најостро ги осуди тестирањата на автомобилската индустрија врз луѓе

Германската канцеларка Ангела Меркел најостро во понеделникот ги осуди тестирањата врз луѓе и мајмуни коишто, според германските медиуми, ги спроведувале германските автомобилски концерни да ја испитаат штетноста на азотните оксиди од издувните гасови.

„Тие тестирања врз мајмуни или дури и врз луѓе, етички се целосно неоправдани. Огорчувањето на граѓаните е сосема разбирливо. Управите на автомбилските концерни, кои се нарачатели на опитите, сега мора да дадат одговори на критички интонираните прашања. Автомобилските концерни мора да се придржуваат до граничните вредноста за штетните издувни гасови, а не да се обидуваат да докажат дека гасовите не се штетни“, изјавила германската канцеларка Ангела Меркел, а пренесе пред новинарите владиниот портпарол Штефан Зајберт.

И техничкиот министер за сообраќај, Кристијан Шмид, кој доаѓа од Христијанско-социјалната унија (CSU), баварската сестринска партија на Христијанско-демократската унија (CDU) на Меркел, ја осуди постапката на концерните која е опишана како „чиста пиар кампања“.

„Комисијата којашто се занимава со скандалите со манипулациите со издувните гасови ќе свика вонредна седница на којашто ќе разгледува што ќе преземе во расветлувањето на овој случај, а автомоблските концерни итно и детално мора да се изјаснат за оваа тема“, се наведува во соопштението на министерството за сообраќај.

Дневните весници Sueddeutsche Zeitung и Stuttgarter Nachrichten објавија дека здружение, зад коешто стоеле коцнерните „Volkswagen“, „Daimler“ и „BMW“, нарачало студија којашто требало да ја докаже безопасноста на азотните диоксиди во издувните гасови од моторите на дизелски погон. Во текот на истражувањето на Универзитетската клиника во Аахен, опитите, според написите во медиумите, се вршеле врз мајмуни, но и на луѓе.

Потпаролката на министерството за здравство соопшти дека опитите врз примати, како и врз луѓе, се дозволени само во вонредни ситуации, на пример, при истражување на лекови.

Сојузната покраина Долна Саксонија, којашто е сосопственик на „Volkswagen“ побара од челниците на концернот итно да бидат казнети одговорините.

Во првичните реакции на скандалот, раководствата на автомобилските концерни истакнуваат дека не биле запознаени со тоа дека тестовите по нивен налог се спроведуваат и врз луѓе.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.