Меркел наседна на лажен телефонски повик и ја потврди вистинската цел на договорите од Минск

Позната двојка руски шегобијци тврдат дека изнудиле од поранешната германска канцеларка да разговара за војната во Украина, откако во понеделникот објавиле делови од разговорот во кои Ангела Меркел ја потврдува својата претходна изјава дека мировните договори од Минск во 2014 и 2015 година според идејата на Западот имале за цел само да му се даде време на Киев да се вооружи за справување со проруските сепаратисти во Донбас.

Во разговорот со лажниот украински поранешен претседател Петро Порошенко, Меркел вели дека договорите од Минск му дале повеќе време на Киев и сега украинската власта „не само што може да даде одговор, туку и да ја добие потребната помош од Западот“.

„Едноставно, мислам дека договорите од Минск ѝ дадоа на Украина повеќе време да се развие меѓу 2014 и 2021 година… И сега Украина не само што може да даде одговор, туку и да ја добие потребната поддршка“, му вели таа на „Порошенко“ во разговор со руските шегобијци Владимир Кузњецов (Вован) и Алексеј Столјаров (Лексус).

Истовремено, поранешната германска канцеларка истакнува дека тогаш во 2014 година „за да се спречат уште полоши работи, сите го потпишале овој договор“.

Нејзината канцеларија во Берлин потврди дека поранешната канцеларка, која ја напушти функцијата на крајот на 2021 година, навистина била контактирана.

„Можам да потврдам телефонски повик со повикувач кој се претставуваше како поранешниот (украински) претседател Петро Порошенко“, изјави портпаролот на Меркел за DPA.

Познато е дека пранкерите, кои се претставуваат како Вован и Лексус, ги измамуваат светските лидери и познати личности имитувајќи други функционери во телефонските повици.

Од кабинетот на Ангела Меркел во соопштението се наведува дека телефонскиот разговор се случил на 12-ти јануари и дека бил преведен од службите на германското Министерство за надворешни работи. Во соопштението за медиумите се наведува дека Меркел го информирала Министерството за надворешни работи за впечатоците од разговорите.

За време на нејзиниот мандат Меркел често се занимаваше со Порошенко. Порошенко ја водеше Украина од 2014 до 2019 година, пред да биде наследен од актуелниот украински претседател Володимир Зеленски, кој потоа го обвини за велепредавство и отвори судски прогон против него.

Претходно Зеленски во интервју за Der Spiegel призна дека самиот им кажал на Меркел и на францускиот претседател Емануел Макрон дека договорите од Минск се „невозможни“ и дека не планира да ги спроведе. Пред тоа, Меркел (која беше германска канцеларка од 2005 до 2021 година) рече дека „договорот од Минск од 2014 година беше обид да ѝ се даде време на Украина“ да стане посилна. Истовремено Франсоа Оланд, кој беше претседател на Франција од 2012 до 2017 година, се согласи со Меркел. И двајцата учествуваа на самитот на Нормандиската четворка, на кој се договорија сет мерки за спроведување на договорите од Минск. Поранешниот британски премиер Борис Џонсон, за време на посетата на Киев кон крајот на јануари, рече дека Нормандискиот формат на преговори за Украина бил „дипломатска имитација“.

Коментирајќи ги зборовите на Меркел дека договорите од Минск се потпишани за да му се даде време на режимот во Киев да „зајакне“, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков рече дека верува во „искреноста и мудроста“ на рускиот претседател Владимир Путин, кој претходно предупредувајќи на претстојната инвазија во соседната земја дека властите во Киев играат на време и не сакаат да ги исполнат мировните договори. Според рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, потписниците на договорите од Минск – поранешниот претседател на Украина, Петро Порошенко, поранешната канцеларка на Германија, Ангела Меркел и поранешниот претседател на Франција, Франсоа Оланд, искрено признале дека овие договори им биле потребни за да се подготви војна против Русија.