Меркел: Нема толеранција за омразата

15

Германската канцеларка Ангела Меркел вети „нулта толеранција“ за омразата, еден ден по нападот врз синагогата во градот Хале, при што две лица загинаа, а други две се потешко повредени.

– Претставниците на државата треба да ги употребат сите средства на правната држава за да се борат против омразата, насилството. Тоа е нулта толеранција, истакна Меркел.

Канцеларката, која во знак на солидарност синоќа по нападот замина во една од главните синагоги во Берлин, нагласи дека е шокирана и тажна, како и милиони луѓе во Германија поради смртоносниот напад.

Вчерашниот напад поттикна нова загриженост поради јакнење на ултрадесничарскиот екстремизам во Германија и го отвора прашањето за полициската одговорност.

– Не е доволно само да се осуди таков кукавички чин. Мора да биде јасно дека државата презема одговорност за еврејскиот живот во Германија, истакна денеска германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, повикувајќи ги Германците да им дадат поддршка на своите еврејски сонародници.

Нападот го изврши вооружен 27-годишен Германец. Тој го снимил својот злосторнички чин и директно го објавил преку една „стриминг платформа“. Напаѓачот се обидел да влезе во синагогата во Хале, каде 80 верници го славеле празникот Јом Кипур, но откако не успеал отворил оган врз луѓето пред храмот и врз еден угостителски објект во близина.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.