Меркел осомничена за злоупотреба на функцијата

Адвокат од Берлин бара од правосудните институции да дадат оцена за цената на летовите на германската канцеларка Ангела Меркел низ земјата во рамките на предизборната кампања за парламентарните избори подоцна во септември.

Како што пишува во саботата весникот Der Spiegel, тужителот верува дека шефицата на германската влада плаќа за услугите на авијацијата на Бундесверот, вооружените сили на Германија, неколкупати пониско отколку што е реалното чинење на летовите. И оти, исто така, тоа не оди на товар на нејзината партија.

Списанието, повикувајќи се на свои извори, посочува дека Меркел и нејзиното опкружување ги користат услугите на Бундесверот за патувањата од еден на друг предизборен настан, плаќајќи по 500 евра од лице за лет, што е цена на билет за бизнис класа во германската воздухопловна компанија „Lufthansa“, иако ги користи хеликоптерите и лир-џетовите на Бундесверот за предизборни и партиски средби. Притоа, според доверлив документ кој бил во посед на весникот, во зависност од типот на транспотното средство услугата треба да чини од 18.000 евра за хеликоптер „Cougar“ до 30.000 евра за мал авион од типот „Global 5000″.

Поради тоа, адвокат од Берлин, чиешто име не се наведува во написот, се сомнева дека канцеларката ја злоупотребила службената положба, пишува Der Spiegel.

Според изданието, канцеларката во текот на годинава имала 50 летови ширум земјата, користејќи ја авијацијата на Бундесверот. Од Христијанско-демократската унија (CDU), чија претседателка е Меркел, не ја коментирале тужбата од адвокатот. Од владејачката партија изјавиле само дека се придржуваат до сите прописи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.