Меркел: Пандемијата ја покажа ранливоста на Европа

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска истакна дека пандемијата на коронавирусот ја покажа ранливоста на Европа и најави дека лајтмотивот на германското претседателство со ЕУ, од 1 јули, ќе биде заедничко и солидарно надминување на предизвиците.

Обраќајќи се пред Бундестагот, Меркел истакна дека Берлин презема голема одговорност во време кога ЕУ е соочена со најголемиот предизвик и дека претседателството на ЕУ исто така е голем предизвик, бидејќи Германија мора да се посвети на надминување на кризата и да ја направи Унијата поотпорна.

– Кризата со која се соочуваме е сосем различна од сите досега. Таа влијае на сите нас, неподготвени, не само во Европа, туку и во светот. Само во Европа однесе 100.000 животи, а неколку недели економска стагнација го загрози она што го градевме со децении, порача Меркел.

Таа посочи дека беа неопходни рестрикциите во борбата против коронавирусот и дека сепак ќе биде потребно да се почитува физичката дистанца од 1,5 метар и да се носат маски, бидејќи вирусот нема да исчезне се додека не се најде вакцина.

– Пандемијата покажа колку европскиот проект е кревок. Првите рефлекси беа национални, а не европски. Неопходно е да се соочиме со овој предизвик преку меѓународно дејствување и јас сум среќна што Европската комисија дејствуваше брзо и постојано нè повикува да бидеме обединети, рече Меркел.

Таа нагласи дека пандемијата ги погоди сите, но не со иста јачина, и дека последиците од кризата ги продлабочуваат нееднаквостите на општествата.

– Пандемијата покажа дека нашата Европа е ранлива и затоа е потребна солидарност повеќе од кога било, порача Меркел.

Според неа, ниту една земја не може сама и изолирано да ја надмине актуелната криза, туку тоа може да го направи само заеднички.

Меркел рече дека на силна Европа и е потребна силна Германија, а за да остане таква Владата преземала одлучни мерки.

– Се наоѓаме во време кога економијата се соочува со голем пресврт, бидејќи климатските промени и дигитализацијата во основа го менуваат начинот на работа. Затоа, одговорот на пандемијата не може да биде враќање на стариот начин на водење бизнис, но мора да го забрза пресвртот бидејќи од тоа зависат работните места, појасни Меркел.

Таа истакна дека и другите во светот не мируваат, туку дејствуваат решително, нагласувајќи ја важноста за јакнење на конкурентноста.

Во својот говор, Меркел повика на брз договор за повеќегодишниот буџет, додавајќи дека не смее да се дозволи пандемијата да создаде раздор меѓу економиите на ЕУ.

Таа истакна дека антидемократските сили едвај чекаат економските кризи да бидат политички злоупотребени.

Во говорот исто така истакна дека борбата против климатските промени ќе биде еден од приоритетите.

Меркел посочи и дека е неопходно ЕУ да биде глобално поактивна, и покрај тешките околности на светската политичка сцена. Таа ја истакна и важноста на соработката со Африка и Кина.