Меркел: Пандемијата се шири побрзо отколку на почетокот

23

Германската канцеларка Ангела Меркел упати денеска апел до граѓаните дека е неопходно да се направи се, за да се спречи неконтролираното ширење на коронавирусот.

-Се наоѓаме во многу сериозна фаза на пандемијата на Ковид-19. Секој ден се зголемува бројот на новозаразени. Пандемијата се шири повторно брзо и тоа побрзо отколку на почетокот, пред половина година. Доаѓаат тешки месеци. Како ќе изгледа зимата, каков ќе биде нашиот Божик, за тоа ќе се одлучува во следните денови и недели. За тоа одлучуваме сите со нашите делувања, нагласи Меркел.

Таа смета дека е важен секој ден во борбата за спречување на неконтролираното ширење на вирусот.

-Затоа е потребно контактите на секој заразен да се познати, со цел да се прекине синџирот на инфекцијата. Здравствените власти даваат голем придонес во тоа, но таму кадешто бројот на заразени е голем, не можат се да постигнат, предупреди германската канцеларка.

Меркел истакна дека секој може да придонесе за намалување на бројот на заразени, пред се преку држење дистанца, носење заштитни маски и почитување на упатствата за хигиена.

Таа побара од граѓаните да се откажат од секое патување кое не е неопходно, од прослави, како и, доколку е можно, да останат дома.

(МИА)

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.