Меркел по 16 години на власт во пензија сака да патува или малку да чита

Германската канцеларка во заминување Ангела Меркел изјави дека по 16 години на власт сега со нетрпение очекува да посвети повеќе време, како пензионер, на работи кои морала да ги запостави кога била на функцијата.

Меркел (67) рече дека сака да патува или малку да чита, или едноставно да ужива во слободното време знаејќи дека не може да се случи никаков можен пресврт во следните 20 минути, пишуваат германските медиуми.

Канцеларката, која во 2018 година најави дека нема повторно да се кандидира на парламентарните избори одржани во септември, ја водеше Германија низ низа кризи, вклучително и глобалната финансиска криза, мигрантската криза и пандемијата на коронавирус.

Изјавила дека годините кога била на функција ја исполнувале, но биле и предизвик поради постојаната потреба да привлекува внимание, да спречи нешто или да реагира на кризи.

„Можам со добро чувство да кажам дека е правилно некој друг да го преземе водството“, изјави Ангела Меркел.

Канцеларката во заминување, која ќе остане на функцијата до формирањето на новата влада, рече дека подоцна можеби ќе дојде и малку меланхолија, но додаде дека се чувствува благодарна што може да ѝ служи на земјата.