Меркел повика на национални напори против коронавирусот

Германската канцеларка во заминување Ангела Меркел денеска повика на вакцинација и изјави дека е потребен напор на национално ниво за да се запре новиот бран на епидемијата на коронавирусот што се прошири во земјата.

„Многу сум загрижена поради ситуацијата. Ни претстојат тешки недели. Потребни ни се национални напори за да се прекине тешкиот есенски и зимски бран на епидемијата“, рече германската канцеларка.

Изрази голема загриженост поради брзиот пораст на новите инфекции, големиот број пациенти на интензивна нега и повторно големиот број смртни случаи на дневна основа, особено во областите со релативно ниска стапка на вакцинација.

Во Германија во последните 24 часа од коронавирус починале 228 луѓе, а се заразиле 45.081 лице.

Канцеларката во заминување побара од оние кои одбиваат да примат вакцина да размислат и да се вакцинираат, иако вакцинацијата во Германија не е задолжителна.

Околу 67 отсто од населението примиле две дози од вакцината, но властите сметаат дека тој процент треба да биде најмалку 75.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.