Меркел претстави драстични мерки за борбата против коронавирусот, по над 1.000 новозаболени

Германската канцеларка Ангела Меркел го претстви во понеделникот новиот пакет мерки за забавување на ширењето на коронавирусот, а станува збор за ограничување на социјалните конатки без преседан во оваа земја со повеќе од 6.000 потврдени случаи.

„Ова се единствени мерки во историјата на Германија, но тие се неопходни за да се забави ширењето на коронавирусот“, изјави Меркел на прес-конференцијата преставувајќи ги мерките на сојузната влада против ширењето на епидемија.

Меркел појасни дека нејзината влада, во договор со премиерите на 17-те сојузни покраини, донела пакет мерки кои би придонеле за намалување на социјалните контакти во Германија, во којашто има 6.012 заразени, од кои илјада во последното деноноќие, и 16 починати лица.

Канцеларката најави затворање на повеќето продавници кои не продаваат прехранбени продукти и рече дека рестораните ќе работат со скратено работно време, и ќе мора да гарантираат минимална оддалеченост од еден метар меѓу масите. Болничките посети ќе бидат ограничени на само една дневно, до дополнителни ограничувања за да се намали ризикот од ширењето на заразата.

„Колку подобро сите се придржуваат од овие правила, толку поскоро преку ноќ ќе ја минеме оваа фаза. А јас мислам дека сите ние сакаме да минеме низ ова што е поскоро можно“, рече Меркел.

Според податоците коишто ги објави референтниот германски Институт „Роберт Кох“, во изминатите 24 часа во Германија се потврдени 1.174 нови случаи на зараза со коронавирусот.

„Не би требало, исто така, да се патува на одмор, како во внатрешноста, така и надвор од Германија, а рестораните може да бидат отворени само до 6 до 18 часот со задолжително придржување до максималниот број гости и оддалеченост меѓу масите“, рече Меркел.

Културните и забавните институции, исто така, ќе бидат затворени, како и спортските објекти, фитнес клубовите, обложувалниците и борделите. Забраната се однесува и на верските собирања.

Меркел рече дека од забраната за работа се изземени сампослугите, аптеките, продавниците за пијалаци, дрогериите, продавниците за домашни миленици и центрите за продажба на градежни материјали и продукти за домаќинствата. Од забраната се изземени и фризерите, пералните и сервисите за чистење.

Според Меркел, целта е одржување на економскиот живот „во најголема можна мерка“. Истакна дека станува збор за мерки на „одредено време“, како и дека ќе се контролира нивното спроведување. „Сметам на тоа дека граѓаните ќе се придржуваат на овие мерки“, истакна Меркел.

Германската сојузна покраина Баварија во понеделникот на две седмици воведе вонредна состојба којашто на покраинската влада во Минхен ќе ѝ овозможи полесно преземање мерки во напорите за справување со коронавирусот. Властите на оваа покраина, со 13 милиони жители, граничи со Австрија и со Италија, а за потребите на баварското стопанство кое е водечко во Германија, поради последиците од киразата обезбеди фонд во висина од 10 милиони евра.