Меркел спречила воен судир меѓу Грција и Турција, медиуми

REUTERS/Murad Sezer

Во вторникот вечерта во Средоземното Море дошло до тензии меѓу Грција и Турција околу малиот остров Кастелоризо во близина на турскиот брег, кои за малку ќе ескалирале во вооружен судир. Телефонски повик на Ангела Меркел спречил ескалација на судирот буквално во последен момент, пишува германскиот таблоид Bild.

Весникот наведува дека причината за конфликтот меѓу двете земји се пробните дупчења во потрага по нафта и гас од шкрилци во подморјето крај Кипар, што Турција ги спроведува во непосредна близина на грчките острови, во зоната која Грција ја смета за ткн. за својата ексклузивна економска зона  Станува збор за морска област во радиус од 200 наутички милји околу овој остров.

Германскиот весник со најголем тираж дознава и дека поради ваквата ситуација, во вторникот попладне 18 турски воени бродови биле на пат кон островот. Bild, исто така, известува дека Грција ја ставила својата армија во состојба на целосна борбена готовност.

„Но, тогаш се вклучила германската канцеларка Ангела Меркел. Таа прво остварила телефонски разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а потоа и со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис. Резултат: Турција повлекла 16 воени бродови, сепак оставајќи два во близина на островот. Но, потегот предизвикал олеснување кај обете страни во Егејското Море“, истакнува Bild.

Меѓутоа, берлинскиот весник Tagesspiegel пишува дека малку е веројатно оти ќе има некој поголем пресврт во однос на спорот околу природните ресурси.

„Двете страни веруваат дека се во право. Притоа, тие се повикуваат на различни конвенции и одредби во рамки на поморското право. Двете држави треба да ја препознаат потребата за јасна пресуда од независна трета страна. Тие треба итно да се обратат до Меѓународниот суд на правдата. Меркел, ЕУ и НАТО треба да ги убедат своите членки и партнери Турција и Грција за ова. Во спротивно постои закана од отворање на ново воено жариште во Средоземното море, кое во овој случај беше само одложено“, се наведува во коментарот на берлинскиот весник.