Меркел во самоизолација, нејзиниот лекар позитивен во коронавирусот

Германската канцеларка Ангела Меркел од неделата попладнето е во самоизолација, откако добила информација дека лекарот кој ѝ ја дал превентивната вакцина против воспаление на белите дробови, е позитивен на новиот тип коронавирус.

Меркел, по прес-конференцијата во неделата на којашто ги објави новите рестриктивни мерки со цел да се забави ширењето на коронавирусот во цела Германија, морала да оди во самоизолација, пренесуваат медиумите цитирајќи соопштение на нејзиниот кабинет.

Портпаролот на канцеларката Штефан Зајберт изјавил дека Меркел дознала дека лекарот кај кого ја добила вакцината против пневмокока, бил позитивен на Covid-19 набрзо откако ја одржала прес-конференцијата. Меркел вакцината ја примила во петокот, додал Зајберт.

„Канцеларката по конференцијата за медиумите е известена дека во петокот имала контакт со лекарот кој во меѓувреме е позитивно тестиран на коронавирусот“, стои во соопштението на кабинетот на канцеларката.

Поради тоа, како што се додава, Меркле решила веднаш да оди во домашен карантин.

„Следните денови редовно ќе се тестира, затоа што еден тест не е доволен. Од домашниот карантин ќе ги извршува државните работи“, се додава во соопштението.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.