Меркел жали поради одлуката на Крамп-Каренбауер да не се кандидира за канцелар

Германската канцеларка Ангела Меркел изрази жалење поради одлуката на нејзината блиска соработничка Анегрет Крамп-Каренбауер да се откаже од кандидатурата за канцелар на сојузните избори следната година, изјави неименуван извор од Христијанско-демократската унија (ЦДУ).

Меркел се заложи Крамп-Каренбауер да остане министерка за одбрана.
Крамп-Каренбауер денеска на претседателството на ЦДУ најави дека на лето ќе иницира избор на кандидат на партијата за канцелар на изборите следната година, па потоа ќе се повлече од функцијата претседател на партијата и истакна дека лидерот на партијата треба да биде и кандидат за канцелар.

Крамп-Каренбауер беше во центарот на политичкиот скандал заради кој за време на викендот беше свикан и состанок на владејачката коалиција, со кој претседаваше канцеларката Меркел, откако во покраината Тирингија првпат беше избран премиер со помош на гласовите на десничарската „Алтернатива за Германија“.

Откажувањето од кандидатурата за канцелар предизвика различни реакции, германската левица е шокирана, а десницата е воодушевена.

Прв реагираше државниот секретар за Европа, социјалдемократот Михаел Рот, кој на Твитер напиша „Земјотресот продолжува“.

Тој додаде дека по повлекувањето на Крамп-Каренбауер, уште понеизвесно е дали „пристојните демократи ќе останат обединети, без оглед на партиската припадност, во борбата за демократија и против национализмот“.

Претседателката на Левицата Катја Кипинг изрази загриженост дека ЦДУ ќе се сврти кон десно по повлекувањето на АКК.

– Нејзина заслуга беше одржување на ограничувањата на Унијата кон десницата, рече Кипинг.

Во исто време, веста за повлекувањето на Крамп-Каренбауер ја израдува АфД.
Александар Гауланд, претседател на пратеничката група на партијата, ја поздрави нејзината одлука и рече дека сега гледа шанса за доближување на ЦДУ и АфД.

– Сосема е бесмислено и нереално трајно да се одбива соработка со АфД, рече Гуланд.

Поранешниот заменик-канцелар и лидер на СПД, Зигмар Габриел оцени дека откажувањето на Анегрет Крамп-Каренбауер од кандидатура за канцелар и повлекувањето од врвот на ЦДУ, покажува дека демохристијаните се во криза која може да доведе до крај на владејачката коалиција на конзервативците и социјалдемократите.