Мештаните од Урвич бараат заштита за нивниот извор со вода Буновец, за Синичане посочуваат друг извор и нудат помош

37

Мештаните на Урвич бараат заштита од државните институции за нивната безбедност како и да остане изворот Буновец за водоснабдување на нивното село, наместо намерата на општина Боговиње да го искористи за потребите на Синичане. Веќе неколку дена полицајци се на самото место и не дозволуваат конфликт меѓу мештаните од двете села, откако општина Боговиње имаше намера да започне со градба на водоснабдителниот систем. Во Урвич потенцираат дека постои едноставно решение на проблемот така што Синичане ќе користи друг извор за вода.

-Ние не сме против да се обезбеди нов систем за водоснабдување за Синичане, но сметаме дека не треба да се користи изворот Буновец бидејќи е во атар на Урвич.  Синичане треба да користи друг извор со вода викан Смрека на 2 километри од Буновец. Не се точни информирациите што ги пласираат одредени луѓе, дека Буновец не е во наш атар, еве јас лично имам четири ниви во тој атар. Ние сме подготвени во рамки на нашите можности со работна рака како соседи да се помогнеме на Синичане да добие вода, но само тоа да биде од изворот Смрека.  Синичане досега има земено четири извори од Урвич и сега ако го земе и овој пак нема да го реши проблемот, изјави Локман Таири жител на Урвич.

Мештаните на Урвич освен што побарале помош од институциите за проблемот ги известиле и странските амбасади.

-Постои пред се кај телевизиските медиуми еднострано известување за проблемот без да добијат информации од Урвич.  За изворите за вода постојат соодветни катастарски податоци, а воедно за обидот да се земе вода од изворот Буновец има само одлука на Совет на општина Боговиње не од надлежните министерства.  Не разбираме зошто градоначалникот застанува само на страна на Синичане, треба да биде и наш градоначалник, треба да биде медијатор, но со ова се гледа дека поради нашата друга етничка припадност како да не сме жители на оштината Боговиње. Состојбата е исполитизирана, со нас од општина Боговиње никој не разговарал, вели Таири.

Изминативе денови групи на граѓани од двете села се обидуваат да стигнат до местото каде се предвидува градба, но полициски специјалци ги спречува да се најдат и да превенираат конфликт. Групата од Синичане и Боговиње ја предводи и градоначалникот Албон Џемаили.

–Загрижен сум за моите граѓани и разбирам што прави политиката, но јас сум должен со закон  да обезбедам вода за моите граѓани. Полицијата е многу децидна, не може да продолжи работата, истакна градоначалникот Џемаили.

Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, денес истакна дека полицијата е таму поради оперативни сознанија и со намера да не дозволи нарушување на јавниот ред и мир.

-До обвинителство во Тетово е поднесено известување за сомнение за сторено кривично дело бесправно градење. На местото има полициски службеници во функција на обезбедување на јавен ред и мир. Нашата задача е да бидат преземени сите законски мерки со цел да се спречи нарушување на јавен ред и мир. За да не дојде до несакани настани тоа ќе го правиме се додека постои постои безбедноста проценка за сериозно нарушување на јавен ред и мир. Околу соработка и координација со Обвинителство соработуваме за сите случаи и за овој предмет. Ние како институција сме задолжени за јавен ред и мир и имаме пријави од мештаните од околните села за можност за серизно нарушување на јавен ред и мир.  Полицијата е сервис на сите граѓани и затоа таму има полициски службеници бидејќи сме должни да постапиме.  Дали и каде ќе се гради водовод немаме инегернции туку други институции и тие ќе одлучуваат за тоа, истакна Ангеловски.

Телевизиските канали известија дека жителите на Синичане заедно со градоначалникот ноќта ја поминале кај месноста Буновец.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.