Меси го продолжи договорот со Барселона

Шпанскиот фудбалски гигант Барселона го продолжи договорот со 30-годишниот аргентински напаѓач Лионел Меси до 30 јуни 2021 година, соопшти во средата каталонскиот клуб.

„Договорот ќе биде потпишан следните седмици, кога Меси ќе се врати и ќе се приклучи на подготовките во пресрет на новата сезона“, се наведува во соопштението на Барселона.

„Клубот е многу среќен и поради обновувањето на договорот и поради верноста на Меси. Тој е најдобриот фудбалер во историјата кој целата кариера ја мина во Барселона и ја водеше до ерата на извонредните успеси, нешто што не е видено во светскиот фудбал“, додаваат од каталонскиот клуб.

Меси е член на Барселона од својата 13-та година, развивајќи се низ нејзината фудбалска школа а да стане еден од најдобрите светски фудбалери во историјата.

Петкратниот добитник на признанието Златна топка влезе во последните 12 месеци од својот актуелен договор кога го потпиша новиот. Со овој потпис Меси им се приклучи на своите соиграчи, Бразилецот Нејмар и Уругваецот Луис Сурарез, кој новите договори ги потпишаа минатата година.

Според шпанските медиуми, Меси останува најплатениот играч на клубот. Договорот наводно чини 25 милиони евра годишно, годишната плата ќе му изнесува 31 милион евра, а отштетната клаузула е подигната на 300 милиони евра.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.