Аргентина изгледаше лошо и безидејно цело прво полувреме на натпреварот против Мексико, дуел кој од цела јавност беше окарактеризиран како „финале“ за Меси и пријателите кои разочараа на првиот меч со Саудиска Арабија.
Поразот од 2:1 донесе огромен притисок врз „гаучосите“, па иако тоа се почувствува во најголем дел од мечот со Мексико, сепак лидерот на оваа аргентинска генерација повторно се истакна кога беше најпотребно.
Едно додавање од Ди Марија кое не изгледаше воопшто опасно се претвори во гол благодарение на фудбалската магија на Меси, кој погоди од дистанца и испрати хируршки прецизен удар во мрежата на Очоа.
Голот за 1:0 во 64-та минута го донесе потребниот мир кај аргентинските фудбалери кои делуваа навистина конфузно повеќе од еден час, па Скалони доби шанса да направи и измени за да го освежи тимот.
Еден од играчите кои добија шанса беше талентираниот Енцо Фернандес,младата ѕвезда на Бенфика која изведе фудбалска минијатура за 2:0 и потврда на победата на Аргентина, која сега прави „гаучосите“ да имаат реални шанси за пласман во осминафиналето.