Меси одлучил да остане во Барселона

Шесткратниот освојувач на Златната топка за најдобар фудбалер на годината во Европа, Аргентинецот Лионел Меси, останува во каталонскиот великан Барселона, потврдува играчот во интервјуто за порталот Goal, а како причина наведува да се избегне можниот долг правен спор околу клаузулите од неговиот договор.

„Не бев среќен и сакав да заминам. Тоа на некој начин не ми е дозволено и ќе останам во клубот за да не влезам во правен спор. Раководството на клубот предводено од Бартомеу е катастрофа. Вистината е дека во овој клуб нема проект. Тие само ги пополнуваат дупките прекасно. Никогаш не би одел во војна против клубот на мојот живот. Затоа останувам. Кога им ја соопштив желбата да заминам на сопругата и децата, тоа беше вистинска драма. Целото семејство почна да плаче, моите деца не сакаа да ја напуштат Барселона“, вели Меси.

„Јас ќе продолжам да играм за Барселона, и мојот став кон тимот нема да се промени, колку и да сакам да заминам. Ќе дадам сѐ од себе. Секогаш сакам да победувам, да бидам конкурентен и не сакам ништо да загубам. Секогаш го сакам најдоброто за клубот…, за партнерите во соблекувалната и за себе“, вели Меси за Goal.com.

Шпанските спортски медиуми објавија дека 33-годишниот Аргентинец е цврст решен да ја напушти Барселона по разговорот со новиот тренер Роналд Куман. Потоа и самиот фудбалер објави дека на управата на каталонскиот клуб ѝ испратил допис со кој бара раскинување на договорот.

„Бев уверен дека можам да заминам, претседателот (на Барселона, Жосеп Бартомеу) секогаш велеше дека на крајот од сезоната можам да одлучам дали да останам или не“, вели Меси во споменатото интервју.

Претходно во петокот таткото на играчот, Хорхе Меси, објави на социјалните мрежи отворено писмо во кое наведува дека отштетната клаузула од фантастични 700 милиони евра, на кои се повикуваше Барселона поддржана од шпанската Ла Лига, повеќе не е на сила и дека неговиот син може да го напушти клубот како слободен играч.

„Сега тие се држат до фактот дека тоа не сум го кажал до 10-ти јуни, но по тој датум донесовме решение да се продолжи првенството на Шпанија во време на ужасниот коронавирус, и оваа зараза ја смени целата сезона. Тоа е причината зошто ќе останам во клубот. Претседателот ми кажа дека единствен начин да заминам е да го платам обештетувањето од 700 милиони евра, што не е можно“, додава Меси.

Откако беше објавено дека Меси инсистира да си замине од „Камп Ноу“, интерес за него пројавија Манчестер Сити, ПСЖ и Јувентус. Во меѓувреме повеќето англиски медиумии тврдеа дека Манечестер Сити, кој го води поранешниот играч и тренер на Барса, Жозеп Гвардиола, е подготвен да му ги исплати на Меси неверојатните 700 милиони евра за петгодишен договор, при што првите три сезони би ги одиграл во Манчестер Сити, а следните две години во Њујорк Сити кој има ист сопственик.

„Никогаш не би одел против Барселона, бидејќи тоа е клубот кој го сакам и кој ми пружи сѐ откако пристигнав, тоа е клубот на мојот живот. Сакам да ја продолжам кариеара во Барса и мојост став нема да се промени, иако сакав да заминам“, вели Меси во долгото интервју емитувано на Goal.com во петокот попладнето.

„Не сакав да бидам вклучен во какви и да се судски парници со Барса и затоа останувам. Но и натаму тврдам дека управата на клубот на чело со претседателот Бартомеу е катастрофа“, повторни Меси.