Меси остана без признание во МЛС

Откако на почетокот на оваа недела осми пат во кариерата ја освои „Златната топка“ за најдобар фудбалер на годината. Аргентинецот Лионел Меси (36) остана без признанието за најдобар дебитант во 2023 година во американската МЛС лига.

Аргентинскиот капитен во понеделник ја освои својата осма „Златна топка“ за најдобар играч во изминатата година која традиционално ја доделува француското списание „Франс фудбал“. Меѓутоа, во изборот за најдобар дебитант на годината во МЛС, наградата со 45.78 отсто од гласовите ја освои грчкиот напаѓач на Атланта, Јоргос Јакумакис, додека Меси кој ова лето потпиша за Интер Мајами, беше второпласиран со 27.28 отсто од гласовите.

На третото место се најде играчот за врска на Сент Луис, Германецот Едуард Ловен со 15.44 отсто од гласовите.

Во изборот учествуваа играчи, клубови и новинари, а Меси освои најмногу гласови од своите колеги, додека за Јакумакис најмногу гласови дојдоа од редовите на клубовите и новинарите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.