Меси повторно најдобар во изборот на ФИФА

Аргентинецот Лионел Меси по седми пат е прогласен за најдобар фудбалер за изминатата 2022 година во изборот на светската фудбалска асоцијација ФИФА.

На церемонијата на ФИФА Бест во Париз, 35-годишниот Меси ја доби оваа награда по рекорден седми пат, доаѓајќи на пиедесталот по две години полскиот напаѓач Роберт Левандовски, кој беше најдобар во изборите во 2020 и 2021 година.

Меси беше најдобар во 2009, 2010, 2011, 2012, 2015, 2019 и 2022 година, додека Португалецот Кристијано Роналдо има пет наслови, а Бразилцот Роналдо и Французинот Зинедин Зидан по три.

Во поширокиот избор за најдобри овојпат се најдоа Меси, неговиот клупски соиграч во Пари Сен Жермен, Французинот Килијан Мбапе и членот на Реал Мадрид, неговиот сонародник Карим Бензема.

За најдобра фудбалерка во 2022 година е прогласена Шпанката Алексија Путелас. Путелас оваа награда ја доби и минатата година, а во изборот беше подобра од Англичанката Бет Мид и од Американката Алекс Морга

Најдобра тренерка за минатата година била Сарина Вигман, селекторка на англиската фудбалска репрезентација, додека во машката конкуранција награда му припадна на Аргентинецот Лионел Скалони, селектор на репрезентацијата на светските шампиони.

На гала настанот во Париз, ФИФА додели и награди за голман на годината, кои им беа доделени на голманот на светските шампиони Емилијано Мартинез (Астон Вила) од Аргентина и Мери Ерпс од Англија (Манчестер Јунајтед), наградата за најубав гол му припадна на Марчин Олексиј од Полска, а наградата за фер-плеј му беше доделена на Грузиецот Лука Локошвили. ФИФА ја додели и наградата за најдобри навивачи, која им беше доделена на приврзаниците на аргентинската репрезентација.

Познати се и идеалните единаесетмина на ФИФА за 2022-ра. Кај мажите тоа се Тибо Куртоа, Ахраф Хакими, Жоао Кансело, Вирџил ван Дијк, Кевин де Бруин, Лука Модриќ, Касемиро, Лионел Меси, Килијан Мбапе, Ерлинг Халанд и Карим Бензема.