Меси влезе во историјата на Лигата на шампионите

Постигнувајќи го првиот погодок во победата од 5:1 на Барселона над Ференцварош, аргентинскиот фудбалски ас Лионел Меси влезе во историјата на фудбалската Лига на шампионите како прв играч кој постигнал барем еден погодок во 16 сезони по ред.

Меси ја начна мрежата на унгарскиот претставник со голот од пенал во 27 минута. Тоа беше неговиот 116-ти погодок во најелитното континентално натпреварување, а повеќе постигнал само Португалецот Кристијано Роналдо кој е на врвот на оваа листа со 130 погодоци.

Меси така стана првиот фудбалер кој во Лигата на шампионите се запишал во листата на стрелците 16 последователни сезони. Аргентинецот својата серија ја започна во сезоната 2005/2006, а првиот погодок во Лигата на шампионите го постигна на 2-ри ноември 2005 во победата од 5:0 над Панатинаикос.

Поранешниот крилен напаѓач на Манчестер Јунајтед, Рајан Гигс, исто така, постигнувал погодоци во 16 сезони во Лигата на шамионите, но не последователно.