Месо, пијалаци, сувомесни и млечни производи најчесто купувани производи за празниците

Месо, пијалаци, сувомесни и млечни производи, колачи и торти се најкупуваните производи во македонските маркети во предновогодишните денови. Се пазарувало и овошје, зеленчук, чоколади, кафе… Граѓаните биле за нијанса повеќе потрошувачки расположени во споредба со минатата година, која домашните трговци ја сметаат како кризна. Иако се согласни дека предновогодишното пазарување одамна веќе не значи излегување од продавница со полни корпи, сепак се задоволни што прометот, сепак, е поголем од лани, пишува „Утрински“.

Долгите редици пред касите деновиве беа слика во речиси секој „Кам маркет“, „Веро“, „Тинекс“, „Рамстор“ или „СП маркет“. Не заостануваа ниту зелените пазари и помалите дуќанчиња. Новогодишната трпеза мора да биде полна и привлечна, но тоа задолжително не значи дека ќе се купат и најскапите производи. Деновите пред Нова година вообичаено се пазаруваат повеќе артикли, но количините секоја година се се’ помали и помали.

„Претпразничната еуфорија за големо трошење од семејниот буџет одамна ја нема. Стандардот ми е се’ понизок, па ги пазарувам само најпотребните работи. Трпезата да биде побогата од секојдневната, но ништо претерано. Јануари има многу празници, па мора да се размислува како да се распределат финансиите“, вели скопјанката Катерина Томевска, за „Утрински“. Таа вели дека со семејството ја дочекала Нова година во домашна атмосфера.

Новогодишното изобилство по рафтовите, вообичаено, беше надополнето и со голем број промоции, понуди, пакети и намалувања на цените на некои производи, што дополнително ги мотивира купувачите да потрошат некој денар повеќе.

Големите метежи во „Веро“ се регулираа како во банка, со автомати за бројчиња, особено пред фрижидерите со сувомесни и млечни производи. Во „Тинекс“ иако постојано работеа сите каси редиците беа долги. Во некои маркети, за да се забрза пазарувањето, покрај касиерките, стоеја вработени за да им помогнат на купувачите во пакувањето на продуктите.

Сепак, трговците се согласуваат, македонските граѓани прво ги пазарат неопходните продукти, па ако остане нешто во буџетот, се опуштаат и купуваат и нешто екстра. Најчесто тоа се некои алкохолни пијалаци, вино или слатки. Според пресметките, македонско семејство за предновогодишниот шопинг троши околу стотина евра. Најголемиот дел се за храна и пијалаци, а помалку за подароци и облека.

„Традиционално предновогодишниот шопинг значи набавка на храна за дочекот на Нова година. Најмногу се купува месо, сувомесни производи, алкохол, чоколади“, велат во „Рамстор“, за весникот, и нагласуваат дека во нивните маркети потрошувачката деновиве била минимално зголемена од минатогодишната.