Месопреработувачите побараа намалување на царините и ист третман со увозните компании

Групацијата за производство на месо и преработки од месо при Стопанската комора бара од Владата да ги намали давачките за увоз на суровини за преработки од месо и да обезбеди ист третман со увозните компании во спротивно најавува затворање на капацитетите или нивно селење во соседството.

-Итно донесете ново продолжување на мерката или некој вид на трајно законско решение за намалување на царината на замрзнато свинско месо наменето за преработка и итно поставете еднакви услови за контрола и правила на игра за сите учесници на пазарот без разлика дали се домашни или увозни, рече Гоце Трајчев, претседателот на Групацијата за производство на месо и преработки од месо на денешната прес-конференција.

Тој нагласи дека од Владата наместо мерки и активности за подобрување на условите домашните производители добиваат казни од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), која домашните компании ги контролира според домашниот правилник за адитиви, а увозните според оние што важат во соседството или во ЕУ. Прецизира дека нашиот правилник дозволува учество на фосфати и полифосфати во преработките од 0,5 или 5.000 единици, а во сите соседни земји и во европскиот правилник е дозволено 0,8 или 8.000 единици.

-Самото месо како природно во себе го содржи овој тип на хемиски соединенија фосфати и полифосфати и кај другите е направена разлика од природни и додадени фосфати. Кај нас таква разлика нема и автоматски имаме лошо пракцитирање и во овие така тешки услови на стопанисување дополнително имаме отежнувања, забрани за пуштање во промет, забрана за производство. Домашните компании се контролирани според домашниот правилник, а увозните според европскиот, рече Трајчев.

Васко Ристовски од Стопанската комора посочи дека нашиот правилник не прави дистинкција од природни и додадени фосфати и прецизира дека во ЕУ и во соседството е предвидено не повеќе од 0,5 да бидат додадени и не повеќе од 0,3 да бидат природни фосфати во преработките од месо.

-Кај нас практично се држиме цело време на таа величина 0,5, но се третира како вкупна. Ние имаме земени податоци за производи од странски компании каде што има 0,57, 0,54 и тоа е регуларно кај нас, меѓутоа домашна компанија која направила со 0,51, 0,52 се казнува, се забрануваат цели производни групи итн., што сметаме дека не е во ред, рече Ристовски.

Посочи дека се потребни итни измени на законската регулатива за да се спаси оваа индустрија на која и се заканува тотален колапс.

-Претставниците на оваа индустрија и досега укажуваа дека со важечките пред се царински давачки во оваа индустрија тие беа доведени во крајно нерамноправна положба во однос на индустриите од увозот, пред се од земјите во соседството. Готовите производи од надвор влегуваат со нула проценти давачки, додека домашните преработувачи при увоз на суровина плаќаат од 25 до 35 проценти царина на суровината. Земјите во околината немаат царина, освен Србија каде што е 8 проценти, што е драстично помала царинска давачка од таа кај нас, а во принцип најголемата конкуренција доаѓа токму од таму, рече Ристовски.

Уште поголем проблем, како што додаде, ќе значи иницијативата Отворен Балкан и дополнителното отворање на границите за производите од соседните земји.

-На овој начин компаниите не само што се доведени во ситуација да ги затворат своите капацитети, туку и да размислуваат за селење на производството надвор од државата, посочи Ристовски.

Потсети дека Владата пред три години во редовни и нормални економски услови го согледа овој проблем со кој се соочуваат компаниите и донесе автономна мерка за привремен слободен увоз на замрзнато свинско месо за преработка со која донекаде се надмина тешката ситуација поради што цените се задржаа на исто ниво. Меѓутоа, како што кажа, мерката истече во јуни минатата година со објаснување дека веќе не може да се продолжи затоа што правилата од ЦЕФТА не го дозволуваат тоа.

Во одговор на прашање Трајчев рече дека домашните месопреработувачки компании имаат капацитет не само да го задоволат домашниот пазар, туку имаат и сериозен капацитет за извоз.

-Капацитети за производство имаме за комплетно задоволување на домашните потреби, имаме и слободни капацитети за извоз. Немаме иста стартна основа. Тука е проблемот. Тука е и целото наше барање.  Немаме иста стартна основа, немаме исти услови за да можеме да работиме во таа насока. Зошто? Затоа што ова што го бараме како намалување на царината истата суровина што ние ја купуваме од исто место од Европа како што ја купуваат и сите други соседи наши откај што најчесто стига увозот, кога ја увезуваат кај нив за преработка таму царините се меѓу 6 и нула проценти, а кај нас се над 20 проценти, истакна Трајчев.

Затоа, како што кажа, компанијата МИК Свети Николе од каде доаѓа тој размислува да го пресели производството во соседството.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.