Месото ќе поскапе за 20 до 30 отсто ако не се продолжи бесцаринскиот увоз на суровини

Цените на месото и на преработките од свинско месо ќе поскапат за 20 до 30 отсто, а ќе има и отпуштања на вработени во месната индустрија, доколку Владата не ги исполни во скоро време барањата на компаниите за продолжување на мерката за ослободување од царина за замрзнато свинско месо и други суровини, наменети за преработка.

На ова предупредија денеска претставници на Групацијата на месопреработувачи и месни индустрии во Стопанската комора на Северна Македонија. Тие јавно побараа средба со вицепремиерот Фатмир Битиќи, за да ги образложат барања за продолжување на оваа мерка.

„Оваа индустрија со важечките царински давачки е ставена во нерамноправна положба со странските производители, пред се оние од соседството, но и од ЕУ. Готовите производи од надвор влегуваат во земјата со 0% царина, а ние, домашните преработувачи, при увоз на суровина плаќаме царина во висина од 20 до 35%. Ова уште повеќе ќе биде нагласено со функционирањето на Отворен Балкан“, велат од Стопанската комора.

Додаваат дека, ако не се продолжи рокот за увоз на без царини на смрзнатото свинско месо, на краток рок, 2 до 3 недели зависно од тековните залихи, прво ќе  следи нов ценовен шок од 20 до 30 отсто зголемувања на цените на месните преработки од свинско месо. Второ, ќе се намали бројот на вработените за исто така 20 до 30 отсто. На подолг рок, ќе дојде до зголемување на увозот и до престанок со работа на некои од месопреработувачките капацитети.