Министерот за надворешни работи Никола Димитров, денеска (вторник, 29-ти октомври) ќе го прими специјалниот претставник на државниот секретар на САД за западен Балкан, Метју Палмер, кој ќе престојува во работна посета на Македонија.
Се очекува министерот Димитров и високиот претставник на Стејт департментот да дискутираат за севкупниот развој на билатерални односи меѓу Македонија и Соединетите држави, како и за поддршката од САД за евро-атлантските интеграции на земјата, а ќе бидат разменети и мислења за состојбите во регионот.
Метју Палмер во интервју за Гласот на Америка на српски јазик од почетокот на август порача дека без решение за истрагата за случајот „Рекет“ во кој е вмешана и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, може да се поткопаат изгледите на Македонија за почеток на пристапните преговори со Европската унија, што подоцна и се оствари
„Ова се сериозни обвинувања и таквите сериозни обвинувања бараат сериозен одговор. Ние поддржуваме целосна, темелна и транспарентна истрага на овие обвиненија и, ако има докази, и соодветно обвинение. Ова е навистина можност за властите во Северна Македонија да демонстрираат почитување на владеење на правото“, рече тогаш Палмер.
Освен решавањето на случајот „Рекет“, според него важно е и донесувањето на Законот за јавното обвинителство.