Мета: Македонската заедница ќе биди застапена во сите државни институции

Генералниот секретар на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МЕАИ), Васил Стерјовски е во кандидатската листа за идни пратеници на Социјалистичкото движење за интеграција во Корча. Парламентарните избори во Албанија ќе се одржат на 25 јуни.

– Благодарение на договорот и соработката со Социјалистичкото движење за интеграција дадена ни е можност да имаме претставник од македонската заедница во Парламентот на Албанија, каде ќе се слушне нашиот глас, истакна Стерјовски на митинг.

Вели дека му е чест што со поддршка на движењето доследно ќе ја претстави и ќе и служи на македонската заедница и на сите граѓани на округот на Корча.

-МАЕИ, како партија која во својата програма има заштита на правата на македонската заедница во Албанија, владеењето на правото и европската интеграција на Албанија ги дели истите вредности со Социјалистичкото движење за интеграција, која е европска партија, сеопфатна и со извонреден придонес во консолидирање на демократијата во земјата, посочи Стерјовски.

На митингот се обрати и Илир Мета, претседателот на државата и поранешен лидер на партијата, кој упати благодарност до МАЕИ што одлучела заедно со нив да настапат на изборите.

– Ова не е случајно, ова не е договор за да се стопи Македонска алијанса. Не. Ова е договор за застапување на прекрасната македонска заедница во сите албански државни институции. Бидејќи, како што рече и Васил, Социјалистичкото движење за интеграција и Македонска алијанса делат заеднички вредности за толеранција, сеопфатност и европската интеграција, истакна Мета.

Вели дека правата на секоја од етничките заедници во Албанија се многу важни и се показател на степенот на демократија и толеранција во општеството.

Мета посочи оти е задоволен што политичката криза во Македонија оди кон нејзиниот крај.

Ефтим Митре од Глобочани, Мала Преспа е уште еден Македонец кој е на листата на оваа партија за Изборната единица во Корча, но како кандидат на Движењето на социјалистичка интеграција.