Мета подготвен за оставка само ако на негово место дојде Мејдани

Албанскиот претседателот Илир Мета на попладневната прес конференција изјави дека е подготвен да даде оставка од функцијата доколку тоа од него го побара премиерот Еди Рама, но под услов на негово место да дојде Реџеп Мејдани.

Унверзитетскиот професор Мејдани (75), беше шеф на албанската држава  во периодот 1997 до 2002 година.

– Доколку побара премиерот, јас сум подготвен да се откажам од функцијата Претседател на државата и да се кандидирам за претседател на 13 октомври, но само под услов во оваа канцеларија да дојде лице со интегритет кој бил во оваа канцеларија и докажал дека заштитата на националниот интерес е пред се, како што е професорот Мејдани. Тој е човек кој неколкуте прашања ќе ги брани подобро и од мене, рече Мета.

Тој е со став дека ако изборите не се одржат на 13 октомври, според неговата последна уредба, тогаш, според него, Албанија нема шанси да отвори преговори со Европската унија.

Мета ги повика страните да не се преправаат дека не гледаат дека кризата се продлабочува, да седнат и погледот да го насочат на 18 октомври, кога ќе се процени дали ќе се отворат преговори со Албанија.

– На 30 јуни, немаше легални избори во Република Албанија. Легалните, државните и уставните избори се на 13 октомври. Никој не смее да има илузија дека одлуката на Уставниот суд може да му даде легитимитет на 30 јуни, зашто уредбите на Претседателот се во сила. Тој суд е единствениот што може да суди околу ове уредби, продолжи Мета, потенцирајќи дека секоја одлука на Уставниот суд за уредбите на Претседателот ќе имаат влијание врз иднината, а не врз минатото.

Тој уште е со став дека целосното преземање на општините од страна на социјалистите на изборите од 30 јуни не е ниту легално ниту легитимно.

-На 13 октомври локални, парламентарни и претседателски избори. За претседател да се гласа на 13 октомври и сите што го оспоруваат претседателот може да водат кампања против него. Ги поканувам да размислат инаку ќе ме принудат да ги поканам сите светски медиуми да одиме на гробот на Рамиз Алија (последниот комунистички претседател) со букет цвеќиња, посочи Мета, на прес конференција, како последен обид пред одморите да се најде решение за длабоката криза во која се наоѓа земјата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.