Мета во клинч со амбасодорката на САД во Тирана: Ако сакаат Рама нека си го земат во Америка

Албанскиот претседател, Илир Мета, жестоко реагираше по критиките што му ги упати амбасадорката на САД во Тирана, Јури Ким, којашто реагираше на неговите изјави за мобилизација на граѓани за денешните парламентарни избори.

„Неприфатливо е некој да се заканува дека ако не им се допаѓаат резултатите од изборите, граѓаните треба да ги земат вилите на 25-ти април. Ваквите закани заслужуваат да бидат казнети. Оние што иницираат насилство ќе одговараат за своите зборови и постапки. Стоп“, изјави во саботата Јури Ким.

Претседателот Мета доцна синоќа на телевизиско гостување рече дека САД се мешаат во внатрешните работи на државата и реагираше експлозивно на упатената порака од страна на амбасадорката Ким.

„Сум ѝ кажал на амбасадорката дека ако имате нешто за мене кажете, бидејќи ја знам дека ако сакате можете да ме ликвидирате. Но, барем однесете ме во планина и пуштете една ракета за да не оштетите други луѓе. Ако го сакаат Еди Рама нека го земат во Америка. Тука одлучуваат Албанците. Да се плашам од Америка затоа што имаат носачи на авиони?! Па, и Русија има“,рече Мета.

Тензичните односи меѓу амбасадорката на САД и претседателот Мета се заострија последните денови од изборната кампања во Албанија. Во пресрет на парламентарните избори што се одржуваат денеска ангажирани 7.519 полициски службеници со цел подигнување на безбедноста.

Заменик директорот на албанската државна полиција, Алберт Дервишај, соопшти дека полицијата е во степен на готовност и засилена служба за неделните парламентарни избори, а припадниците на албанската армија веќе почнале да обезбедуват 74 објекти државен интерес.

„Полицијата презеде мерки за безбедност на изборите. Ангажиравме 7. 519 полицајци за изборите, кои меѓу другото ќе ги обезбедуваат и сите 5.199 избирачки места. Подготовките за изборите започнаа од декември 2020 година. Доставени се изборните материјали и печатите што од нас го побара ЦИК, а до неа ние го испративме списокот со полициските службеници, кои ќе гарантира ред и безбедност на денот на изборите“, рече Дервишај.