Мета за „Ил Џорнале“: Регуларни избори решение за надминување на кризата во Албанија

Албанскиот претседател Илир Мета во интервју за италјански „Ил Џорнале“ зборувајќи за политичката криза во Албанија и локалните избори на 30 јуни оценува дека само со регуларни избори може да се надмине повеќемесечната политичка криза во земјата.

Тој со став дека доколку не донел уредба за одложување на локалните избори за 13 октомври неизбежен би бил судир меѓу политичките фракции.

-Ако не донесев уредба со која локалните избори, кои претходно ги закажав за 30 јуни, не ги одложев за 13 октомври, што не е случаен датум затоа што процесот на пристапување на Албанија и Северна Македонија во ЕУ ќе се дискутира на 18 октомври, судирот меѓу двете политички фракции ќе беше неизбежен, изјавил Мета.

Според него, премиерот Еди Рама не разбрал дека одржувањето на локалните избори без учество на опозиција е проблем за почнување преговори.

-Изборите во јуни не беа ниту уставни, ниту легални, ниту легитимни. Само Уставниот суд може да ја оспори уредбата на претседателот на државата и жално е што неговата активност (на претседателот) е стопирана со волја на Рама, рекол Мета.

Додава дека гласањето на 30 јуни било без протвкандидати, исто како и за време на комунистичкиот режим. Тој, исто така, го оспорува одзивот, велејќи дека е понизок од 23 отсто како што објави Централната изборна комисија.

Во интервјуто, Мета зборува и на аудио-снимките што ги објави германскиот весник „Билд“, за досието 339 и 184,оценувајќи дека е неприфатливо без да се спроведат темелни истраги.

-Тоа е еден од најлошите случаи на функционирање на владеењето на правото, констатира Мета.

Тој порачува дека Албанија мора да се бори против трговијата со дрога и парите што влегуваат во економијата од оваа активност.

Што се однесува до обвинувањата против милијардерот Џорџ Сорос, Мета вели дека Албанија не треба да заврши „во рацете на приватните меѓународни играчи“.