Металург доминантен против подмладената Војводина

Ракометарите на Металург во вторникот вечерта потполно доминираа над подмладениот тим на Војводина славејќи со 39:20 на крајот од сезоната во регионалната СЕХА лига.

И покрај успехот, Металург кој оваа година настапуваше со драстично изменет соства остана на претопоследното деветто место на табелата.

Гостите чекаа шест минути за да го постигнат првиот гол. Дотогаш веќе беше 5:0 за тимот од „Автокоманда“, а трендот продолжи и во следните шест минути, кога Металург стигна до 10:1. Разликата набргу стана двоцифрена, а на паузата беше 19:7 за Металург.

Откако ги провери сите сили, Данило Брестовац во второто полувреме го искомбинира тимот, но и покрај тоа Металург ја надградуваше предноста, која достигна највисоки плус 19 во неколку наврати, а така остана и на крајот.

Од 16-те во записникот, 11 ракометари на Металург ја искористија шансата да постигнат гол, а меѓу нив предничеа Шилегов, Серафимов, Маџовски и Младеновиќ со по шест погодоци. Двајцата голмани си поделија по едно полувреме, па Томовски заврши со четири, Даниловски со пет интервенции. Кај гостите, Ален Овчина беше најефикасен со осум гола.

Ова е рекорд на сезоната во СЕХА-лигата, бидејќи е најубедлива победа досега, престигнувајќи го триумфот на Мешков Брест над Извиѓач со 18 голови разлика, 40:22.