Металург поразен кај Тулуз на старот на Европската лига

Ракометарите на скопски Металург со пораз од 29:33 на гостувањето кај француски Тулуз во вторникот го започнаа циклусот во новото натпреварување Европската лига на ЕХФ.

Македонскиот претстставник не беше во водство во ниту еден момент од натпреварот, но се чини и дека не беше надигран од францускиот претставник. Тулуз покажа дека во моментов е подобар од Металург, но скопскиот тим има за што да жали, бидејќи да не беа многуте технички грешки дефинитивно можеше до поповолен резултат. Тулуз во два наврата во првото полувреме имаше предност од „плус 5“, но на полувремето резултатот беше 18:15.

Металург играше добро до средината на вториот дел, кога утна два зицери преку Мице Шилегов за да дојде и на негатива од -1, а Французите знаеја како да го казнат секое промашување во против напад. Поразот од 33-29 не треба да го обесхрабрува нашиот тим, кој покажа дека има квалитет и дефинитивно може да се надигрува со секој во групата А.

Милан Поповиќ одигра одличен натпревар за Металург со девет голови од 10 обиди, а единственото промашување го имаше во финишот од линијата за седум метри. Голманот Даниел Дупјачанец собра 10 интервенции. Кај Тулуз најдобар беше пивотменот Хенрик Јакобсен со девет гола од исто толку обиди.

Во следното коло во вторник, Металург во Скопје ја пречекува Висла Плоцк.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.