Металург против Криенс Луцерн во второто квалификациско коло од Европската лига

Македонскиот трофеен ракометен клуб Металург преку швајцариски Луцерн треба да стигне до пласман во групната фаза од Европската лига.
Криенс Луцерн во првото коло убедливо ја елиминираше хрватска Дубрава, со две победи, дома 29:27, а на гости и поубедливо, 28:19.
Првиот натпревар Металург ќе го игра дома, на 22-ри септември, а реваншот е на 29-ти септември во Швајцарија.

Тренерот на Металург, Зоран Кастратовиќ по добивањето на противникот призна дека швајцарскиот претставник беше еден од посакуваните противници.

– Пред почетокот на ждрепката, Криенс беше еден од клубовите што најмногу ги посакував. Сметам дека фаворитската улога и во овој дуел му припаѓа на Металург, но истата ќе мораме да ја оправдаме на терен. Засега немаме многу информации за противникот, каде игра и поранешниот ракометар на Металург – Лапајне, но ќе биде погрешно ако го потцениме Криенс. Сепак, се работи за цврст и добар тим, кој многу лесно ја реши хрватска Дубрава во првото квалификациско коло. Тоа особено важи за средбата во Хрватска, каде Криенс славеше со огромни 9 голови предност. Во суштина многу работи зависат од самите нас. Ако играме на ниво, фокусирано и дисциплинирано, тогаш веројатно ќе немаме проблем. Не смееме да дозволиме да ни се повтори средбата со Спачва во Винковци, каде, место да го докршиме отпорот на противникот, претрпевме пораз“, изјави Кастратовиќ.

Во другите натпревари ќе се сретнат:

Бидасоа Ирун – Нексе
Потаиса Турда – Феникс Тулуз
Бјерингбо Силкеборг – ЦСКА Москва
Холстебро – РНЛ
Бенидорм – Фиверс
Азоти Пулави – Кристијанштад
Констанца – Спортинг Лисабон
Ѓунѓеш – Фуксе Берлин
Тримо Требње – Балатонфуред
Винтертур – ГОГ
Скјерн – Монпеље