„Метеопро“: Каков циклон, кои 400 литри дожд?!

Се појавија чудни имиња на циклони, најави за „потоп“ и 400 литри дожд на Балканот за време на претстојниот викенд, токму на социјалните мрежи, и истите беа проследени на поголем број на електронските медиуми. Целата ситуација од почеток до крај, односно од прогнозата, преку именување на циклоните, па до пренесување на најавата во медиумите е погрешна, пишува специјализираниот сајт Метеопро.

Да тргнеме со ред:

НЕ СЕ ОЧЕКУВА 400 ЛИТРИ ДОЖД НА m²!

Овој медитерански циклон кој е уште еден сосема нормален циклон, без некои истакнати особености кои би требало да нé плашат, ќе „истури“ поголема количина на дожд на Балканот, но најзафатени подрачја ќе бидат југот на Далмација, како и Јонското крајбрежје на северот на Грција и југот на Албанија. Но, ниту во овие региони нема никаква теорија да наврнат 400 l/m² воден талог. Се очекува количина нешто над 100 l/m², и истата може да биде пролематична во тие краишта, особено ако се зема во предвид природниот „блок“, планините токму во непосредна близина на крајбрежјето. Можни се сливови по падините и појава на свлечишта, но од помали размери, бидејќи станува збор за планини кои низ векови се на удар на вакви ситуации, па само гола карпа е останата на нив. Низ градовите во споменатите региони се можни краткотрајни порои (буични поплави).

wrf cro sun 11 10

Прогностичка карта на акумулирани врнежи за 24 часа заклучно со недела напладне. Извор:Meteoadriatic.net

Но, од истата ситуација кај нас ние очекуваме околу 50 l/m² наврнат дожд во текот на сабота и недела. Дождот повремено, особено во ноќта сабота кон недела, ќе има локален пороен карактер. Оваа ситуација не е засега проблематична, особено ако се земе во предвид дека летото беше сушно и дека почвата има капацитет да прими количина на вода.

Втор битен момент е што очекуваните количини на дожд се за период од 36 часа. Тоа е олеснителна околност бидејќи нема да има нагло полнење на планинските текови. Помали излевања на планинските водотеци не се исклучени, но оваа нема да влијае на големите водотеци во земјава. Од целата состојба може позитивно да биде што ќе се наполнат акумулациите, па ќе можеме да имаме домашна струја добиена на „еко“начин.

Именувањето на циклони е сосема погрешно. Дури во случајов е наведено некакво име Димитар, па следел Кристијан… Ова не вреди ни да се коментира, но ако сакате подетални информации за тоа кој и како именува циклони, клик на следниот линк. И, да се знае: УХМР е онаа која што е авторитетот која во државава издава вонредни метеоролошки прогнози!, пишува Метеопро.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.