Метеоролозите очекуваат екстремни атмосферски појави во 2020-та

Светот во текот на 2020 година, како и во наредните децении, може да се соочи со многу посериозни според своите последици екстремни временски појави, изјави во Женева генералниот секретар на Светската метеоролошка организација (WMO), Петери Таалас.

Доколку не бидат преземени мерки за ограничување на емисијата на гасовите кои го предизвикуваат ефектот на стаклената градина, предупредува Таалас, до крајот на векот температурите ќе се зголемат за 3 до 5 Целзиусови степени.

„Годината 2020-та започна онака како што заврши 2019-та, со настани коишто имаат силно влијание врз временските услови и се поврзани со климата“, констатира челникот на WMO.

Таалас посочува на големите пожари во Австралија, каде што минатата година беше најтоплата и најсушната откако се вршат меторолошките мерења на овој континент.

„За жал, очекуваме да видиме многу поекстремни временски прилики во текот на 2020 година и наредните децении“, вели Финецот потсетувајќи дека се регистрирани рекордни нивоа на емисија на стакленичките гасови, кои ја одржуваат топлината во атмосферата.

Според WMO, минатата година која беше одбележана со рекордни летни горештини во повеќе региони на планетата, беше втората најтопла година во целата историја на следењето на временските и климатските состојби. Во однос на овие показатели, 2019-та е веднаш зад 2016 година, а така просечната глобална температура лани била за 1,1 Целзиусов степен повискоата од просечната во периодот од 1850 до 1900 година. Истовремено, 2016-та „останува најтоплата во историјата на набљудувањата, што беше условено со многу силниот феномен Ел Нињо, предизвикувајќи затоплување и долгорочни климатски промени“.

Според податоците на организацијата, просечната температура во изминатите пет години во периодот од 2015 до 2019 година и во текот на минатата деценија од 2010 до 2019-та, била највисока од секоја од петте и десетте последователни години во текот на овие метеоролошки набљудувања. Од 1980 година секоја деценија била потопла од претходната, а овој тренд се очекува да продолжи и како резултат на рекордното ниво на емисија на стакленичките гасови во атмосферата, велат експертите.

„Доколку емисијата на јаглерод диоксид продолжи, како што се случува во моментов, тогаш на крајот од овој век температирата ќе се зголеми за 3 до 5 Целзиусови степени“, сумира Таалас.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.