Метју Палмер во посета на Македонија

Заменик-помошникот државен секретар за европски прашања на САД, Метју Палмер денеска ќе престојува во посета на Македонија. Палмер ќе се сретне со премиерот Зоран Заев и со министерот за надворешни работи Никола Димитров, како и со претставници на политичките партии.

МНР соопшти дека на средбата со Димитров ќе се разговара за евроатлантските перспективи на Република Македонија, како и за актуелните политички состојби во земјата и во регионот.

Како што објави минатата недела Американската амбасада во Скопје, Палмер ќе разговара со македонскиот државен врв околу поддршката на САД за договорот од Преспа помеѓу Македонија и Грција, и важноста да се продолжи со реформската агенда на Македонија.

Ова е втора посета на Палмер на земјава оваа година. Заменик-помошникот државен секретар за европски прашања на САД, последен пат на средби со македонскиот државен врв беше во август годинава.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.