Министерството за финансии денеска објави јавен повик до општините за да аплицираат за средствата за Вториот проект за подобрување на општински услуги -МСИП 2. Средствата во износ од 25 милиони евра се обезбедени преку Светска банка и се наменети за капитални проекти во општините со кои ќе се подобрат условите за живеење.
Условите под кои општините ќе можат да аплицираат за средства од проектот се исклучително поволни – рок на отплата до 13 години со вклучен грејс период до 3 години и каматна стапка која е еднаква на каматата што ја плаќа Република Македонија кон Светска банка, односно 6-месечен Еурибор.
Средствата од проектот ќе се алоцираат по принцип „прва пријавена – прва услужена општина“ врз основа на одобрена техничка документација во согласност со критериумите од проектот.
Краен рок за доставување на апликациите од општините е два месеца од денот на објавување на повикот, односно најдоцна до 7 ноември 2016 година.
Во рамки на средствата кои ги има одобрено Светска банка за проектот МСИП 2, освен за заеми за капитални проекти, предвидени се и средства за грантови за општините за инвестирање во подобрување на инфраструктурата во посиромашните и маргинализирани делови во нивна надлежност, како и средства за техничка поддршка на општините.
МСИП 2 претставува продолжение на Проектот за подобрување општински услуги МСИП 1, кој беше во износ од 56 милиони евра. Со средствата од МСИП 1 се поддржани 68 капитални проекти во 53 општини. Станува збор за локални патишта, водоводи, училишта, детски градинки и други капитални проекти кои имаат за цел да го подобрат животот во тие општини.