Мијалков е во Македонија, смета Спасовски

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека според сите досегашни проценки и анализи екс директорот на УБК, Сашо Мијалков сѐ уште е во државата.

– Според сите наши анализи и проценки сметаме дека се уште е во државата и дека не ја напуштил Република Северна Македонија. Дејствијата за потрага се во тек. Ако ние знаеме каде е Мијалков во овој момент, веројатно ќе беше во притвор во истиот момент, меѓутоа сите анализи и проценки кои ги правиме врз основа на потражните дејствија и информациите кои ги добиваме, наша увереност е дека е во државата, изјави Спасовски на денешната прес-конференција.

Нагласи дека се работи на пронаоѓање на Мијалков и негово изнесување пред лицето на правдата.

Мијалков од неделата е недостапен за органите на прогонот. По него се трага, а во текот на вчерашниот ден беа извршени информативни разговори со неговите блиски од семејството и од обезбедувањето.

Поранешниот директор на сега згаснатата УБК е обвинет во случајот Таргет-Тврдина, за кој пресуда треба да биде изречена в петок.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.