САД не можат да ја донесат одлуката, Македонија и Грција самите можат да најдат решение

Помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Вес Мичел ја повторни во Скопје во вторникот поддршката за решавање на спорот со Грција за уставното име, но нагласи дека тоа единствено може да биде постигнато во преговори меѓу двете земји.

САД веќе извесно време се вклучени и ќе продолжиме да бидеме вклучени во овој процес. Мислам дека треба да научиме од претходното искуство дека треба да го искористиме времето и расположението во вистински околности. Ве уверувам дека имаме активен интерес, стратегиски и политички за сите принципиелни прашања на Балканот во однос на НАТО и ЕУ перспективите. Можете да видите силна определба на САД, лично и целата администрација да им помагаме на двете страни. Истовремено, истакнуваме дека единственото трајно решение е она што ќе го постигнат двете страни меѓусебно и во таа насока ги охрабруваме во однос на чекорите што ги преземаат и Македонија и Грција. Сакаме да бидеме поддршка на вистински начин. Ова не е одлука што ние може да ја донесеме за вас или за Грција. Мислиме дека сте на вистинскиот пат и ве охрабруваме. Можам да ве уверам дека ги имате и нашата поддршка и нашата вклученост, рече Мичел, на заедничката прес конференцијата со премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање, дали доколку преговарачкиот процес се комплицира, САД ќе се вклучат во него.

И премиерот Заев, одговарајќи на прашањето, дали очекува „американска помош“, рече дека помош од пријател е секогаш добредојдена, но само на принципиелен начин.

Прашањето трае 25 години, тоа е тешко, чувствително и мачно и кога е така, убаво е да ги повикате пријателите. Секој пријател кој може да помогне, вклучително и Грција, бидејќи и Грција е пријател на Македонија, е од помош, а посебно стратешките пријатели како што се САД. Ние со Бугарија билатерално го решивме прашањето и продолжуваме билатерално. Дај Боже да можеме на нашите стратешки парнери да можеме да им соопштиме дека е најдено прифатливо решение за двете страни со зачувување на достоинството и дигнитетот на двете страни. Јас тоа го очекувам. Но секако ако е потребна помош јас очекувам помош од пријателите на принципиелен начин: да ги охрабри двете страни да се изнајде решение за да можат конечно и граѓаните на двете страни да го дочекаат бенефитот и придобивките од ваквото решение, изјави Заев.

Мичел од вчера е во посета на Балканот, во дипломатска турнеја која ќе трае до 17-ти март. Во понеделникот престојуваше во Приштина, а ќе ги посети и Белград, Атина и Никозија. На оваа позиција дојде како наследник на Викторија Нуланд.