9.8 C
Skopje
вторник, април 23, 2024

Мицевски бара да се овозможи физичко присуство на медиумите на собраниските комисии

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалиција „За обнова на Македонија“, Никола Мицевски денеска се обрати на собраниската седница. Мицевски при своето обраќање побара од денес да се дозволи на медиумите да присуствуваа во Собранието и да го следат текот на работата на собраниските Комисии.

„Сметам дека е битно на самиот почеток на оваа седница да го кажам следново, значи по реакција на повеќе медиуми кои што дојдоа до мене, барам да се овозможи редовно, физичко присуство на собраниските комисии на акредитираните медиуми во Собранието“, истакна Мицевски.

Мицевски додаде дека барањето е да се започне од денес и тоа токму од Комисија за образование и понатаму да присуствуваат медиумите и на другите Комисии и работни тела кои што ќе работат во Собранието.

„Сметам дека во салата „Борис Трајковски“ има доволно место да бидат сместени камерманите, долу на партер и новинарите во галеријата. И тоа секако почитувајќи ги сите здравствени протоколи. Во спротивно ќе го сметаме како обид за опструкција и спречување секој медиум за целосно изворно да биде информиран, и да ја информира јавноста за текот и работата на Комисиите во Собранието на Република Македонија“, нагласи Мицевски.

Мицевски посочи дека не би требало да биде проблем да им се овозможи физички да присуствуваат новинарите во Собрание за да го следат текот на работата на Комисиите.

„Во насока на транспарентноста на работата на Собранието очекувам ова мое барање да биде прифатено и медиумите да можат непречено да работат и да информираат почнувајќи од денес“, рече Мицевски.