Mицевски: Дијалогот на „Жан Моне“ добра основа за продолжување на разговорите за деловникот од следниот парламентарен состав

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски по започнувањето на третата средба во рамки на процесот „Жан Моне“ истакна дека овој дијалог не застанува тука и дека ќе претставува добра можност за продолжување на дијалогот помеѓу пратениците од идниот состав.

ВМРО-ДПМНЕ активно учествува во третото продолжение на процесот „Жан Моне“. На изминатите две продолженија успеавме да ги доближиме ставовите и благодарение на дијалогот што го имавме беше донесен Етичкиот кодекс и се приближија одредени ставови. Се надевам дека со денешниот дијалог ќе успееме да ги приближиме позициите. Она што и европратениците на самото отворање на дијалогот го порачаа е дека овој дијалог не престанува тука и дека ќе претставува добра можност за продолжување на дијалогот помеѓу пратениците на идниот пратенички состав, изјави Мицевски.
Благодарение на пратениците ВМРО-ДПМНЕ, како конструктивна опозиција, рече тој, донесени се реформските закони кои значеа оценка повеќе за состојбите во Република Македонија и дека ние сме единствениот функционален парламент во нашето опкружување.
ВМРО-ДПМНЕ го поддржува, но при донесување на новиот Деловник ние укажавме дека треба да се почитува и постоечкиот Деловник, затоа што донесени се 503 закони во редовна постапка, а повеќе од 300 закони во скратена постапка, што укажува дека имаме повеќе од 40 отсто закони по скратена постапка, кои деловнички не дозволуваат и немаат можност за поголема дискусија од страна на пратениците. Дали е тоа некој став на власта, која на тој начин пробува да ја избегне дискусијата во Собранието, единственото нешто каде што претставниците на граѓаните можат да ги соочат фактите и да зборуваат, рече Мицевски.
Третиот дијалог во рамки на процесот „Жан Моне“ ќе заврши утре со прес-конференција на тројцата европратеници Илхан Ќучук, постојан известител за земјава во ЕП, Андреас Шидер, претседател на Делегацијата во Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија, како и Марион Валсман, потпретседател на Делегацијата на  Мешовитиот парламентарен комитет и претседателот на Собранието Талат Џафери.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.