Мицевски кон Џафери: Однесувањето ви е скандалозно, немојте да мислите дека некој ви се плаши!

Талат Џафери, собранискиот преседател и Никола Мицевски, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница се скараа, откако Џафери одби да ги стави на дневен ред интерпелациите за вицепремиерот Љупчо Николовски и за министерот за правда Бојан Маричиќ.

Џафери ѝ порача на опозицијата да достави нови интерпелации, откако Мицевски побара да се стават на дневен ред на денешната седница затоа што преходно во инерес на закони за актуелната криза со пандемијата, не биле ставени на ред за расправа.

– Не дофрлајте од место, земете читај те го Деловникот, на страна 17 пишува зошто не може да се постапи како што вие сакате со интерпелациите – му рече Џафери на Мицевски.

Тогаш, Мицевски побара збор и излезе на говорницата цитирајќи го Деловникот. Тој објасни дека интерпелациите  се веќе во собраниска процедура.

– Тие не се повлечени, па сега ние да правиме други интерпелации, тие стојат отворени, а ги тргате затоа што не сакате да зборуваме за работите и за неработите на минисрите Николовски и Маричиќ. Ве разбирам дека сте хибриден режим, но однесувањето ви е скандалозно, вие сте тој кој треба да менаџира во Собранието, немојте да мислите дека некој ви се плаши – рече Мицевски.

Тој повика доследно да се почитува Деловникот, а постапката на спикерот ќе ја толкува како обид за замолкнување на опозицијата.

– Немој ти да мислиш дека јас некому се плашам. Кажи и не навредувај – му врати Џафери на Мицевски.

Мицевски истакна дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе дадат целосна поддршка на законите поврзани со ковид пандемијата.

Тој упати апел до претседателот на Собранието во иднина точките кои не се поврзани со пандемијата да се ставаат на посебни седници за да не се прави театар од Собранието.

– Меѓутоа вие продолжувате овие законски решенија да ги вметнувате со други закони кои што немаат никаква поврзаност со ова или пак закони за прекршоци кои што немаат допирна точка. Затоа ве молам да ја организирате оваа институција, вие сте претседател овие точки да ги ставате на посебни седници па макар биле и со една две три точки. Како не би го дозволиле овој театар тука и да го претставувате како грешка на опозицијата. Да бидат точки на дневен ред, да бидат поддржани од опозицијата и истите овие законски решенија да бидат изгласани – рече Мицевски.

Мицевски додаде и дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе останат во салата да дадат поддршка на законите поврзани со пандемијата.

– Дополнително точката број 25 која што се однесува на законот  за здравствена заштита, закон кој што во најавата од владата имаше максимална партиципација од 5 илјади евра додека сега гледаме дека има нова состојба односно референтните цени се разликува од првичната најава која што ја даде владата. Би сакал да кажам дека иако се работи за граѓаните најавуваме наш предлог на законот за надополнување на законот за здравствена заштита во кој што ќе имаме четири цели. Да се изедначи плаќањето на јавното и приватното здравство во време на криза за пациентите од ковид- 19, вториот столб пациентите што се повеќе од 60 дена на листата на чекање за било каква здравствена услуга да можат да се лекуваат во приватни здравствени установи по цени како во јавното здравство, третиот столб односно ПЦР тестовите да бидат бесплатни и пациентите кои што се лекуваат од ковид лековите и витаминската терапија да бидат по референтни цени кои што ќе ги утврди фондот, и четвртиот столб односно рефундирање на средствата на лица кои што се на лекување до сега во приватните здравствени установи по одреден процент односно по методологија кои што ќе ги направи министерството за здравство и владата – нагласи Мицевски.