Мицевски кон власта: Реализиравте само 30% капитални расходи, немате капацитет

Собранието на Република Македонија денеска ја почна расправата по дополнетиот Предлог буџет за 2019 година со кој како што образложи министерот за финансии Драган Тевдовски главните цели се повисоки стапки на економски раст, подобар животен стандард на населението, владеење на правото, повисоко ниво на социјална правда и зачленување во ЕУ и НАТО.

Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека Владата нема капацитет за реализација на проекти.

– Две години сте веќе на власт и влегувате во трета година престанете да кажувате што направила претходната власт, се очекува од вас нешто да направите. Власта нема капацитет и нема рализирано ниту еден проект, а поради немањето капацитет одредени сегменти во буџетот што и сега се намалени уште повеќе ќе се намалат со ребалансот, рече Кузмановска.

Нејзиниот сопартиец Зоран Илиоски, исто така, посочи дека оваа власт нема направено ништо во двегодишниот мандат и дека не реализира она што е проектирано.

-Лани имавте раст на БДП од 0,1 отсто, оваа година предвидувавте раст од 3,2 отсто, го намаливте на 2,8 отсто и мислам дека ќе бидете среќни ако ја завршите годината со два отсто. Капиталните расходи за оваа година имавте предвидено 400 милиони евра, до 10 месец стигнавте до 123 милиони евра и до крајот на годината ако стигнете до 150 милиони ќе бидете среќни и задоволни, рече Илиоски.

Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека Владата нема направено ништо од она што го ветила. Истакна дека економскиот раст е промашен трипати, раст на економијата нема, а и капиталните расходи се реализирани со 30 проценти од првично проектираното.

-Само да продолжевте со реализација на проектите од претходната власт со предвидената динамика ќе имавте поголема реализација на капиталните расходи, рече Мицевски, додавајќи дека тие не се завршени поради неспособноста на власта.

Диме Велков од СДСМ не се согласи со пратениците од опозицијата дека предложениот буџет е нереален, расипнички и несоцијален посочувајќи дека се предвидени средства и за социјално загрозените категории и многу пвоеќе инвестициски вложувања.

Првпат, рече Велков, во делот на економскиот раст имаме 1,1 милијарда денари за поттикнување на вработување и напомена колку средства се предвидени за многу други проекти.