Мицевски: Немаше план за насилство на конститутивната седница на 27 април

Немаше план за насилство на конститутивната седница на 27 април. Никој не зборуваше на таа тема – изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски на денешното рочиште за настаните од “27 април”.

Тој објаснува дека имале редовни координации во Собранието за текот на седница, но не и дека знаеле што ќе се случува.

Тој го објасни членот 78 став 2 од Деловникот за промена на дневниот ред на Седницата како што барале пратениците од тогашната опозиција, како и за членот 80, кој вели дека мора да заврши претресот на сите пријавени.

-Претседавачот на Собрание исправно постапуваше во тие моменти околу Деловникот – нагласи Мицевски.

Тој направи паралела дека и на оваа конситутивна седница на новиот состав претседавач беше актуелниот претседател на Собранието Џафери а не најстариот пратеник.

-Практиката вели дека претседателот од претходниот состав доколку е актуелен пратеник да ја води конститутивната седница – објасни Мицевски.

Тој потсети дека на конститутивната седница бил пријавен за говорник, но процедурална забелешка можел да даде секој пратеник бидејќи се уште не биле формирани пратенички групи.

-Претседавачот на седницата замолуваше процедуралните забелешки да бидат сведени на минимум но тоа право не може да го одземе доколку пратеникот е пријавен за збор. Правото за процедурална забелешка го има секој пратеник и мора веднаш да му даде збор и тоа има приоритет – објасни Мицевски.

Тој вели дека добиле информација дека седницата на 27 април ќе продолжи следниот ден на барање на пратениците на СДСМ.

Мицевску даде свое мислење и за движењето “За заедничка Македонија”.

-Како граѓанин имам учествувано на неколку собири во мојот град и давав поддршка. Бев изненаден од масовноста на настаните и оти имаше присуство и на членови на СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ немаше став за ова движење во органите на партијата, но се даваше поддршка и немаше наскока дали некој треба да присуствува иле не – појасни Мицевски.

Тој е убеден дека никој од обвинетите не комуницирал со месните комитети ниту, пак, давал напатствија или се мешал во ова движење.