Мицевски: Несогласувањетa во коалицијата на СДСМ, БЕСА и ДУИ ја кочат редовната работа во Собранието

Поминаа веќе три месеци откако Собранието на Република Македонија започна со работа, а се уште се соочуваме со негова нефункционалност во повеќе сегменти. Партиската коалиција помеѓу СДСМ, БЕСА и ДУИ, поради нивната неусогласеност се уште го оставаат Собранието без состави на клучни органи во неговото функционирање, обвинува Никола Мицевски, координатор на  ВМРО-ДПМНЕ во Собранието.

„Собранието на Република Македонија се уште нема избрани потпретседатели на Претседателот на Собранието кои би биле замена доколку Талат Џафери не е во можност да присуствува на собраниска седница. Исто така од изборот на потпретседатели зависи и формирањето на Буџетскиот совет на Собранието кој е клучен за финансиското работење на законодавниот дом. Не е формиран ниту Националниот совет за европски интеграции кој што е пандан на Комисијата за европски прашања и кој што е потребно итно да биде формиран посебно во период кога Македонија чека почеток на преговорите со ЕУ како и Делегација во Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Македонија и ЕУ“, истакна шефот на пратеничката група на опозицијата.

Мицевски потенцираше дека не се формирани ниту Билатералните групи за соработка со 50 парламенти во светот преку кои што пратениците остваруваат комуникација и соработка со амбасадори и парламенти.

„Три месеца веќе нема состав ниту на Делегацијата на Парламентарнито Собрание на советот на Европа, Делегација на Парламентарното собрание на ОБСЕ, не функционира ниту Делегацијата на Парламентарното собрание на НАТО , Делегацијата на Парламентарното собрание на Медитеран, потоа Делегација на Парламентарната димензија на Централно- европската иницијатива како и Делегацијата на Интерпаламентарната унија и Делегацијата на Парламентарното собрание на Парламентарната соработка со Југоисточна Европа. Без овие делегации, билатерални групи и национални совети, Собранието на Република Македонија не им го обезбедува правото на пратениците да остваруваат меѓународни контакти и соработки со земјите од Европа и остатокот од парламентите во светот. Со коалициското несогласување помеѓу СДСМ, БЕСА и ДУИ, власта ја кочи редовната работа и процесите во Собранието и преку ова Зоран Заев, Бујар Османи и Никола Димитров не даваат можност пратениците да ги остваруваат своите права и обврски кои им произлегуваат од мандатот даден од граѓаните“, истакна Мицевски.