Мицевски оствари средба со известувачот на ЕП за Македонија, Илхан Ќучук

Денес во Собранието на Република Македонија, координаторот на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски одржа работен состанок со известувачот на Европскиот Парламент за Македонија, Илхан Ќучук.

На овој состанок Никола Мицевски го информираше Илхан Ќучук за актуелните случувања и состојби околу функционалноста, ефикасноста, дијалогот и соработката помеѓу власта и опозицијата, како и помеѓу пратениците и пратеничките групи во рамките на Парламентот.

Координаторот Мицевски посебно се осврна на проблемот со инклузивноста на опозицијата во важните процеси и донесување на важни законски решенија, како и за непочитување на демократските процедури и Деловникот за работа на Собранието. Во контекст на ова, се отвори прашањето и за злоупотребата на европското знаменце и скратената постапка од страна на владата при носење на закони и законски решенија во Собранието.

Исто така, на оваа средба се разговараше и за актуелните проблеми и предизвици со кои се соочува Република Македонија, како што е високиот степен на корупција и криминал во нашата држава, факт кој неоддамна беше потврден и нотиран со Извештајот на Транспаренси Интернешнл сместувајќи ја Република Македонија на 111 место во светот, се разговараше за лошата економска состојба и огромната задолженост на државата, но и справувањето со последиците предизвикани од КОВИД кризата.  Неизбежно беше, а да не се спомене и актуелната ситуација и разликите помеѓу Република Македонија и Република Бугарија, со цел одблокирање на процесот за отворање на пристапни преговори со Европската Унија.

Имено, на состанокот од страна на известувачот на Европскиот парламент Илхан Ќучук беше изразена желба и подготвеност да се помогне во надминување на разликите со цел приближување на ставовите на власта и опозицијата што ќе значи поефикасно и заедничко делување за решавање на секојдневните проблеми како на граѓаните, така и на државата во целост.

На крајот, Никола Мицевски изрази голема благодарност за продуктивната средба пропратена со позитивна атмосфера и искрена намера за изнаоѓање на решенија во корист на граѓаните. Тој посочи дека само на овој начин, со искрена и отворена комуникација помеѓу сите субјекти и чинители на политичката сцена, Република Македонија ќе успее да го продолжи патот кон европската интеграција и полноправно членство во европското семејство.